ОМО „Илинден“-Пирин со свое становиште за прашањето за уставни измени
- Вметнувањето на Бугарите во македонскиот устав без реципрочно признавање на македонско малцинство во Бугарија, за што декларативно досега се залагала Македонија, би значело откажување од барањата за правата на Македонците во Бугарија. Ова е ставот на ОМО „Илинден“-Пирин за барањето од страна на Бугарија и ЕУ до Македонија за извршување уставни измени за да ги почне преговорите за членство во ЕУ
Македонците во Бугарија уште еднаш би се почувствувале изневерено од Македонија доколку Бугарите се вметнат во македонскиот устав. Вметнувањето на Бугарите во македонскиот устав без реципрочно признавање на македонското малцинство во Бугарија, за што декларативно досега се залагала Македонија, би значело откажување од барањата за правата на Македонците во Бугарија. Ова е дециден став на ОМО „Илинден“-Пирин за барањето од страна на Бугарија и ЕУ до Македонија за извршување уставни измени за да ги почне преговорите за членство во ЕУ.
– Република Македонија е пред ново чувствително решение: впишувањето на Бугарите како уставно признаена заедница. За Скопје ова е европска обврска – клучен чекор кон напредокот во преговорите за членство во ЕУ. Но за друга група, ова решение звучи како болно дежа ви: Македонците во Пиринска Македонија и во цела Бугарија. Причината е едноставна. Во последните години македонските политичари повеќепати истакнуваа дека Бугарија мора да го признае македонското малцинство, да ги гарантира човековите права на Македонците и да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права. Сега, сепак, РМ е подготвена да направи симболичен и правен гест кон Софија – без паралелно да ги постави истите барања кон Бугарија – велат од ОМО „Илинден“-Пирин.
ОМО „Илинден“-Пирин: Да не се повторува правењето компромиси за европската иднина
Историската меморија на Македонците во Бугарија е долга: од политиките по Втората светска војна до децениите во кои македонскиот идентитет во пиринскиот крај беше третирана како проблем, тие повеќепати се чувствувале како оставени меѓу интересите на двете држави.
– Затоа, денешната ситуација не се доживува како дипломатски гест, туку како повторување на стар модел: С. Македонија прави компромис за својата европска иднина, додека Македонците во Бугарија повторно остануваат без поддршка. Без заштита на нивните права, без спроведување на меѓународните одлуки и без официјално застапување – се наведува во соопштението на ОМО „Илинден“-Пирин што го објави членот на организација Атанас Кирјаков.
Од ОМО „Илинден“-Пирин не ја кријат разочараноста.
– Оваа асиметрија има конкретни последици. Покрај недоверба кон институциите во С. Македонија, чувство на разочарување и напуштеност, иднината на Македонците во Бугарија може да биде обележана со неколку нови негативни ефекти. Поголема институционална изолација: Кога Скопје не инсистира на нивните права, а Софија не ги признава, Македонците остануваат во политички вакуум — без внатрешна или надворешна заштита. Недостигот од меѓународен притисок уште повеќе ќе го отежне создавањето македонски организации, културни здруженија или политички субјекти. Поголема стигматизација и социјално обездуховување: Секој ваков политички сигнал води кон „одлив“: – луѓето се повлекуваат. Губење на меѓународната видливост: Кога РСМ не го отвора прашањето за Македонците во Бугарија, темата исчезнува од европската агенда. А без меѓународна видливост, проблемите на малцинствата ретко се решаваат – сметаат од ОМО „Илинден“-Пирин.
Внесувањето на Бугарите во македонскиот устав може да има сериозни последици врз македонската заедница во Бугарија
Според ОМО „Илинден“-Пирин, впишувањето на Бугарите во Уставот на Македонија, иако важно за евроинтеграцијата, може да има сериозни, иако индиректни, последици врз македонската заедница во Бугарија.
Наместо да придонесе кон добрососедство, овој чекор ризикува да го продлабочи чувството на неправда кај луѓето што премногу често биле оставени сами — без поддршка од Софија и без доследна заштита од Скопје.
– Политичарите од двете страни на границата мора да разберат: не станува збор само за уставни текстови. Станува збор за довербата на заедница што веќе преживеала повеќе компромиси отколку што која било малцинска група би требало да поднесе – апелираат од ОМО „Илинден“-Пирин. С.Р.
Лидерот на МАЕИ, Васил Стерјовски, во Женева ги изложи проблемите на македонската заедница во Албанија
Побаран целосен пристап до образование на мајчин јазик за Македонците во Албанија
- Во Албанија, освен во Мала Преспа, македонскиот јазик не се изучува во други делови каде што живеат Македонци. Во Гора и Голо Брдо, каде што има најмногу автохтоно македонско население, Македонците не се ниту признаени како малцинство. Лидерот на македонската партија побара и помош за инвестиции затоа што македонските делови во Албанија се претежно рурални запоставени средини
Образование на македонски јазик во областите Гора и Голо Брдо и во внатрешноста на Албанија каде што живеат Македонци побара во седиштето на Обединетите нации во Женева Васил Стерјовски, лидер на единствената македонска партија (МАЕИ) во Албанија. Стерјовски побара и заштита од сѐ поголемите обиди за асимилација на Македонците од Бугарија. Во Албанија, освен во Мала Преспа, македонскиот јазик не се изучува во други делови каде што живеат Македонци. Во Гора и Голо Брдо, каде што има најмногу автохтоно македонско население, Македонците не се ниту признаени како малцинство. Лидерот на македонската партија побара и помош за инвестиции затоа што македонските делови во Албанија се претежно рурални запоставени средини, освен во Тирана, каде што постои поголема македонска заедница главно од Голо Брдо.
Стерјовски ги истакна проблeмите на заедницата и на средбата со специјалниот известувач на ОН за прашања на малцинствата, проф. Николас Леврат, во седиштето на Обединетите нации во Женева. Според него, главните предизвици со кои се соочува македонската заедница во Албанија се немањето образование на мајчин македонски јазик надвор од Преспа.
– Нашата заедница е автохтоно население што со векови живее во Преспа, Голо Брдо, Гора, Пустец, Поле, Врбник и во поголемите градови низ државата. Македонците отсекогаш биле мирни, лојални и активно придонесувале во сите области на албанското општество. Меѓу клучните проблеми се ограничен пристап до образование на мајчин македонски јазик надвор од Преспа; нерамномерна застапеност во институциите; недоволни државни инвестиции во регионите каде што живеат Македонци; политички притисоци и обиди за асимилација од Бугарија – изјави Стерјовски.
Тој, меѓу другото, побара поддршка за целосен пристап до образование на македонски јазик.
– Барам поддршка од ОН за: целосен пристап до образование на македонски јазик, фер политичка застапеност и законски гаранции, јавни медиумски програми на македонски јазик, економски развој на регионите каде што живеат Македонците, заштита од надворешни мешања во нашиот идентитет. Нашата цел не е конфронтација, туку еднакви права, достоинство и вистинска заштита според меѓународните стандарди – истакна Стерјовски, кој на крајот од обраќањето им се заблагодари на специјалниот известувач и на Обединетите нации за посветеноста на правата на малцинствата. С.Р.


































