Во саботата во Мадрид, Шпанија, се одржа 22-то издание на музичката манифестација „Детска Евровизија“. Победата отиде во рацете на Андрија Путкараџе од Грузија, чија песна „To My Mom“ беше избрана за најдобра во конкуренцијата на мелодиите што ги испеаја 17 талентирани момчиња и девојчиња од земјите учеснички. Второпласирана е Португалија, а на третото место се најде Украина. Ова е четврта победа на Грузија на ова музичко натпреварување. Тие победија и во 2008, 2011 и 2016 година.
Андрија (11) е роден во прекрасниот црноморски град Батуми, Грузија. Почнал да пее на двегодишна возраст, а подоцна станал член на групата вокален ансамбл „Деца на морето“, пред да студира пијано во музичкото училиште „Закарија Палиашвили“. Тој веќе е успешен музичар, а негово најголемо достигнување пред да стане евровизиски шампион е победата на телевизиски натпревар за таленти за ТВ Ранина на радиодифузерот ГПБ (GPB). Кога не е зафатен со настапи, Андрија игра плејстејшн со своите пријатели.
Нашите претставници Алексеј Ивановски и Ана Ванчевска, кои ја пееја песната „Marathon“, на авторите Лазар и Ена Цветковски, имаа одличен настап, но завршија претпоследни, на 16. место, со 54 поени. На 16 ноември, кога и се одржа изборот, на платото пред Офицерски дом во нивниот роден град Битола во знак на поддршка имаше организирано следење на „Детска Евровизија 2024“.