Ричард Гренел / Фото: ЕПА

ЕУ во клин – САД во плоча: Острата порака на Ричард Гренел упатена до Марта Кос сигнализира за нов американски пристап

  • Пораката од влијателни американски кругови е јасна и недвосмислена, дека европскиот пат не е нужно најдобрата опција, па во тој контекст може да значи и импулс за земјите кандидати подобро да ги промислат потезите пред да донесат одлука. Тоа секако ќе ја зајакне нивната стратегија на геополитичко балансирање, која е особено важна за помалите земји, кои доколку се приклонат кон погрешната страна, многу лесно може да се најдат во незавидна позиција

Новиот американски пристап кон Европа целосно ги преврте наопаку доскорашните американско-европски односи, при што веќе отсуствува и американската поддршка кон евроинтегративните процеси во рамките на Европската Унија.
Ако официјален Вашингтон досега инсистираше на прием на земјите кандидатки најпрво во НАТО, а потоа и во ЕУ, притоа отворено помагајќи го целиот процес, сега очигледно од онаа страна на Атлантикот дуваат некои поинакви ветришта.
Имено, сега на зачленувањето во ЕУ низ американски фокус се гледа како на потег во погрешна насока во актуелните геополитички констелации, особено поради слабата и нереформирана Унија, која наместо да гради принципиелни политики врз чии начела и беше формирана, подлегнува на билатералните каприци на земјите членки.

Гренел: Европа е во длабока криза

Поранешниот специјален претставник на американскиот претседател за дијалогот Белград-Приштина, Ричард Гренел, неодамна испрати остра порака до европската комесарка за проширување Марта Кос, реагирајќи на нејзината изјава за европскиот пат на Србија и договорите постигнати со српскиот претседател Александар Вучиќ.
Во објава на социјалната мрежа Икс, Гренел без дипломатски ракавици оцени дека Европа е во длабока криза и дека европските економии се „задушени од Брисел“. Според него, иновациите во Европа речиси умреле, додека компаниите повеќе не растат во рамките на Европската Унија.
– Европа е во неволја. Вашите економии се задушени од Брисел. Иновацијата е речиси мртва. Компаниите повеќе не растат во Европа – рече Гренел.
Во истата порака, поранешниот американски функционер директно изјави дека Србија не треба да го следи европскиот модел, туку треба да ги имитира Соединетите Американски Држави.
Оваа реакција следуваше откако Марта Кос објави дека разговарала за реформите со српскиот претседател Вучиќ, нагласувајќи дека Србија „мора цврсто да остане на европскиот пат“ и дека се согласиле да ја интензивираат соработката во областа на енергетската безбедност, намалувањето на зависноста и градењето, како што изјави таа, „независна Европа“.
Пораката на Гренел, сепак, претставува отворен предизвик за таков наратив и јасен сигнал дека постојат длабоки поделби во рамките на западниот блок околу идната геополитичка и економска насока на Србија, но очигледно и на целиот регион што претендира да стане дел од ЕУ. Во исто време, таа дополнително го нагласува растечкиот јаз помеѓу американската и бриселската визија за Европа, визија што, според оценката на Гренел, сè повеќе се покажува како успешна и одржлива. Во тој контекст, пораката испратена до Белград добива многу пошироко значење: изборот на патот повеќе не е техничко прашање на интеграција, туку стратешка одлука за моделот на развој, економијата и политичката иднина на секоја земја.

Разидување меѓу САД и ЕУ

Несомнено изјавата на поранешниот специјален пратеник на американскиот претседател за дијалогот Белград–Приштина, Ричард Гренел, упатена кон европската комесарка за проширување Марта Кос отвори низа суштински прашања што ја надминуваат дневнополитичката полемика и навлегуваат во подлабоките геополитички односи меѓу САД, ЕУ и Западен Балкан.
Острината на пораката, но уште повеќе нејзината содржина, ја наметнува дилемата дали станува збор за личен став на еден поранешен функционер, познат по својот конфронтирачки стил, или пак за симптом на поширока промена во американскиот однос кон европското проширување. Оценката на Гренел дека Европа се наоѓа во „длабока криза“, дека европските економии се „задушени од Брисел“ и дека Србија не треба да го следи европскиот модел, туку да се угледа на САД, директно го доведува во прашање наративот што со децении доминираше во американската надворешна политика – дека стабилна, интегрирана и проширена Европска Унија е во интерес на САД, особено кога станува збор за чувствителни региони како Западен Балкан.
Во изминатите три децении Вашингтон беше еден од најгласните и најконзистентни поддржувачи на европската перспектива на земјите од регионот. По војните од 1990-тите, американската политика го гледаше членството во ЕУ (заедно со НАТО) како клучен механизам за долгорочна стабилизација, демократизација и економски развој на Балканот. Дури и кога самата ЕУ беше уморна од проширувањето, САД често ги охрабруваа Брисел и главните европски престолнини да го одржат „европскиот сон“ жив за регионот.
Оттука, прашањето што логично се наметнува е дали изјавата на Гренел значи дека за САД процесот на проширување на ЕУ е практично завршена приказна или барем дека американската поддршка повеќе не е безусловна и стратешки приоритет.
– Прво, важно е да се направи разлика меѓу официјалната политика на актуелната американска администрација и ставовите на поранешни функционери, особено оние блиски до политичкиот табор на Доналд Трамп. Гренел беше еден од најистакнатите претставници на „трампистичкиот“ пристап кон надворешната политика, кој често беше скептичен кон мултилатералните институции, вклучувајќи ја и ЕУ, и наклонет кон билатерални односи и силна улога на американските интереси. Во тој контекст, неговата критика кон Брисел е во линија со поширокиот наратив што ја прикажува ЕУ како бирократска, економски нефлексибилна и политички неефикасна. Сепак, дури и ако се гледа како личен или партиски обоен став, ваквата порака не е без тежина. Таа доаѓа во момент кога односите меѓу САД и ЕУ се соочуваат со нови предизвици – од трговските и индустриските политики, преку различните пристапи кон Кина, до внатрешните политички превирања во Европа и подемот на евроскептицизмот. Во таков амбиент, Западен Балкан повторно ризикува да стане поле за геополитичко натпреварување, а не за координиран западен ангажман – оценуваат аналитичарите.

Од поддршка за ЕУ до совет за „сопствен пат“

Според нив, тоа што Гренел директно ѝ порачува на Србија да не го следи европскиот модел, земја што веќе со години води политика на „седење на повеќе столчиња“, формално преговара за членство во ЕУ, но истовремено одржува блиски односи со Русија, Кина и САД, не значи ништо друго освен следење на суверенистичкиот пристап, а таа порака е упатена и кон другите земји што претендираат да станат дел од ЕУ. Пораката од влијателни американски кругови е јасна и недвосмислена дека европскиот пат не е нужно најдобрата опција, па во тој контекст може да значи и импулс за земјите кандидати подобро да ги промислат потезите пред да донесат одлука. Тоа секако ќе ја зајакне нивната стратегија на геополитичко балансирање, која е особено важна за помалите земји, кои доколку се приклонат кон погрешната страна, многу лесно може да се најдат во незавидна позиција.
– Тоа отвора и пошироко прашање: Дали САД би можеле да развијат поактивна политика на директно приближување на балканските земји кон Вашингтон, без посредство на ЕУ? Во пракса, тоа би можело да значи поголем фокус на билатерални економски договори, безбедносна соработка, инвестиции и политичко влијание, паралелно или дури и независно од европските интегративни процеси. Таков пристап не мора нужно да биде отворено анти-ЕУ, но би можел да ја поткопа централната улога на Унијата како главен трансформативен фактор во регионот.
Од друга страна, не треба да се занемари фактот дека и самата ЕУ придонесе за ваквите дилеми. Долготрајниот и често нејасен процес на проширување, постојаното менување на правилата, билатералните блокади и недостигот од јасен временски хоризонт создадоа длабоко разочарување кај земјите кандидати. Во тој контекст, критиката дека „Брисел ги задушува економиите“ лесно наоѓа публика, особено кај елитите што бараат алтернативни модели и партнери – констатираат аналитичарите.
Нивна оценка е дека изјавата на Гренел не значи дека САД официјално се откажале од поддршката за проширувањето на ЕУ, но таа секако е јасен сигнал дека американскиот консензус околу Европа повеќе не е толку цврст како порано и дека во одредени политички кругови постои подготвеност да се преиспита улогата на ЕУ како главно пристаниште за земјите од Балканот.
– За земјите од регионот, тоа е уште едно предупредување дека геополитичките ветрови се менуваат и дека потпирањето на една единствена стратегиска насока, без јасна визија и реформи дома, станува сè поризично – заклучуваат аналитичарите. Н.М.