По дипломирањето, имав можност да работам во неколку институционални театри и можам да кажам дека во објектите каде што се сместени театрите речиси воопшто не се инвестирало. Актерите создаваат театар во нетеатарски услови, а магијата на сцената не може да се доживее во полн капацитет ако сѐ наоколу се „распаѓа“, вели Димковска по повод Светскиот ден на театарот – 27 Март
Симона Димковска, актерка
Симона Димковска е актерка, културна активистка. Има глумено во филмот „Исцелител“, серијата „Фамилија Марковски“, претставата „Физика на тагата“, монодрамата „Океанот“, краткиот филм „Вера“… По повод Светскиот ден на театарот, 27 Март, таа зборува за состојбата во театарот, независната сцена, условите во кои работат актерите, театарските работници…
Што е важно да се потенцира на Светскиот ден на театарот?
– На почетокот на март, месецот на театарот, бев поканета од Интернационалниот театарски институт (ИТИ) да снимам видео во кое ја читам пораката по повод Светскиот ден на театарот, напишана од режисерот Питер Селерс. Додека се подготвував за снимањето, многупати ја прочитав пораката и на секое читање наоѓав нешто ново и возбудливо што ме тераше да размислувам. Особено би ги потенцирала овие негови зборови со кои целосно се согласувам: „Театарот на епската визија, цел, обнова, исцелување и грижа има потреба од нови ритуали. Нам не ни треба да нѐ забавуваат. Нам ни треба да се собереме. Ни треба да споделиме простор и ни треба да го култивираме споделениот простор. Нам ни требаат заштитени простори за длабоко слушање и балансирање… Ова е време за длабоко освежување на нашите умови, сетила, нашата имагинација, нашите истории и нашите иднини. Оваа работа не може да ја направат изолирани луѓе што работат сами. Оваа работа треба да ја направиме заедно. Театарот е покана да ја направиме оваа работа заедно. “
Го делите ли впечатокот дека се отстапува повеќе простор на независната сцена, се самоохрабруваат повеќе независни театри, се отстапува сцената и на нова генерација актери?
– Мислам дека впечатокот ви е сосема точен, периодов се обидувам колку можам повеќе да следам театар и морам да кажам дека секогаш прв избор ми е независната сцена. Моите почетоци како студентка и дипломирана актерка се врзуваат токму со вонинституционалниот театар, кој ме моделирал низ годините во тоа што сум сега и некако природно ми е да ги поддржам трудот, желбата и борбата на новите генерации за нов израз и поинаква продукција на театар. Многу ме радува што се отвораат нови теми, се избираат нови текстови и изразни средства, кои се дијаметрално спротивни од тоа што се случува во институционалните театри, чест на исклучоците. Публиката го препознава тоа и, заситена од вообичаената понуда, бара алтернатива. Постоењето на независната сцена моментално е добра критика и практика дека може поинаку и дека може да се постигне многу дури и кога средствата и просторот се многу лимитирачки.
Дали по долгото затишје и грчот на пандемијата, доживуваме силна бура на инспирација на театарската сцена?
– Изминативе две години навистина беа тешки за сите, особено за културните работници и уметници. Театарот на почетокот беше парализиран од непознатото и пробуваше да најде нови форми да се случува, да опстои во вонредни услови и, помалку или повеќе, тоа беше преку експериментирање во виртуелниот простор, видео или стрим на претстави, кои се играат во простор без публика. Но пак се враќаме на тоа дека театарот е сега и овде, во живо, со изведувачи и публика во ист простор, што делат енергија, ист воздух и емоции. Дури и кога публиката е ограничена на 30 или 50 отсто од капацитетот, факт е дека без неа не се може. Потребата да бидеме во контакт со професијата актер и со публиката е најголемиот мотиватор и инспирација за создавање. Изминатава година имаше одлична понуда на нови театарски продукции, особено на независната сцена, за кои имаше особен интерес кај публиката, која покажа дека ѝ недостига театарот во вистинска смисла.
Од вашето досегашно искуство, како ја оценувате инфраструктурата на театрите, условите во кои работат актерите и каков прогрес сметате дека е крајно време да се направи?
– По дипломирањето, имав можност да работам во неколку институционални театри и од моето искуство можам да кажам дека во објектите каде што се сместени театрите речиси воопшто не се инвестирало. Како и секој друг објект, има потреба од одржување и навремено санирање, исто така на сценската опрема, светлосна и звучна. Актерите создаваат театар во нетеатарски услови, а магијата на сцената не може да се доживее во полн капацитет ако сѐ наоколу се „распаѓа“. За време на пандемијата почнаа реконструкција и реновирање на неколку театри низ државата, тоа треба да се случи во сите театри што постојат, за да се овозможат барем основните достоинствени услови и за актерите и за публиката. Материјалниот аспект е многу важен, како и транспарентно и праведно финансирање на проектите од страна на Министерството за култура, еднакво за институционалниот и независниот театар. Се надевам дека некои отворени проблеми конечно ќе се решат со новиот колективен договор во културата, но и дека ќе се покаже храброст за носење на законот за култура. Потребно е здружување на театарската фела, можеби во форма на посебен синдикат, особено за независните театарџии, чии права во моментов никој не ги штити.
Како културна активистка, какви промени се стремите да предизвикате со вашето „Културно ехо“?
– „Културно ехо“ е здружение на млади луѓе што се обидуваат да свртат внимание кон напуштените објекти низ градовите (со фокус на градот Скопје), кои најчесто ги одминуваме, се срамиме од нив или ни пречат и се потенцијална закана за безбедноста на локалните жители и животната средина. Преку нашите иницијативи за објектите: салата „Партизан“ во Карпош, поранешната Месна заедница во Тафталиџе 2, индустрискиот комплекс „Купром“ во Ѓорче и Домот на култура во Ченто, сакаме да ја едуцираме јавноста за можноста и потребата од ревитализација, реконструкција и реупотреба на објектите за нова намена, која му е потребна на локалното население и пошироко. Потребна е примена на нови практики за да ги заштитиме јавното добро и јавниот интерес, спротивно до досегашната практика на губење значајни јавни простори и објекти што имаат посебна архитектонска вредност и се дел од колективната меморија на граѓаните. Со неконтролираното градење, особено на станбени единици, овие објекти се под голема закана да бидат урнати во блиска иднина.