Актуелниот обид за „протуркување едно длабоко контроверзно законско решение што се однесува на статусот на припадниците на терористичката УЧК“, со помош на преодниот премиер и поранешен соборец на припадниците на ОНА, во време на периодот од сто дена владеење на т.н. преодна (техничка влада), повторно на голема врата ги покажува симптомите на една „скриена непрележана државна болест“, генерирана од неодговорените прашања во македонското општество од пред дваесетина години: Каков беше „карактерот на конфликтот во 2001 година“?

Со назначувањето на преодниот премиер пораснаа апетитите на поранешните војници на УЧК

Уште во првиот ден од мандатот кон Талат Џафери како премиер на преодната влада, која треба што побрзо да се фокусира за квалитетно да ги организира парламентарните избори договорени за 8 мај, неговите „соборци“ од 2001 година, кои се нарекуваат „ветерани“ (припадници на ОНА), во македонски медиум на албански јазик ги искажаа своите очекувања од него, праќајќи порака дека сега има незавршена приоритетна обврска, како носител на највисока извршна функција.

Кој и што очекува од Талат Џафери

Да потсетиме, „ветераните“ што му се обратија на премиерот се всушност поранешните припадници на ОНА, кои во 2001 година всушност извршија агресија врз македонската држава, нејзините институции и легалните одбранбени структури. Тие веќе подготвиле предлог-закон со кој „бараат определување на статусот и финансиска поддршка преку пензии и посебни бенефиции за категориите произлезени од Албанската национална војска – ОНА (УЧК): за мачениците, инвалидите, ветераните, борците на ОНА и поблиските членови на нивните семејства“. Ветераните на ОНА велат дека ќе му го испратат предлог-законот на актуелниот технички премиер (кој во својата биографија и самиот го има моментот на припадник на оваа паравоена формација) само ако им гарантира дека ќе успее да помине како предлог на Владата.
– Се надеваме дека премиерот Џафери ќе го помине законот со брза постапка во Владата и ќе го испрати до Собранието на усвојување. Првин очекуваме јавна гаранција од него дека ќе го направи тоа, па тогаш ќе го поднесеме предложениот закон. Во спротивно, тоа не би имало ефект и би ги изложило подготвувачите на законот на политички притисок – изјавил за медиумот на албански јазик еден од подготвувачите на предлог-законот.
Иницијаторите на предлог-законот, кои бараат гаранции од преодниот премиер Џафери, велат дека за нив е важно овој закон со негова заложба да помине на Влада (зашто „сега имаат две можности: и премиер и добар закон“), иако се свесни дека најтешката задача ќе биде законот да помине во Собранието. Предлагачите инсистираат на посебен закон за ОНА, а не за вклучување во законот за „бранители“, „бидејќи решението може да биде сложено и оддолжено“.

Има ли „технички ограничувања“ за „техничкиот премиер“?

Според пржинскиот договор, мандатот и надлежностите на техничка влада се тесно ограничени за организирање и спроведување на претстојните парламентарни избори, со начелно проектирани терминот на одржување за 8 мај 2024 година. Во тој контекст, премиерот и техничките министри во тие сто дена имаат одредени ограничувања во надлежностите за носење одлуки. Од друга страна, непрецизноста на самиот договор, но и „слободните толкувања“ на надлежностите во минатите две искуства на функционирање на техничката влада, создаваат дилема во јавноста дали оваа техничка влада има право да предложи закон што не се однесува на организирањето избори.
– Оваа техничка влада, формирана за организирање фер и демократски избори, своето работење во најголема мера го темели на Законот за избори и Законот за влада. Сѐ што не е конкретно ограничено или забрането со овие закони, техничката влада може да го спроведува. Категорично е извесно дека откако ќе бидат распишани изборите не смее да има нови инвестиции и нови вработувања во државната и јавната администрација. Но тековните и започнати проекти мора да продолжат за функционалност на државата. Во поглед на законската можност на Владата да се јави како предлагач на закони, нема некои ограничувања и кога станува збор за техничка влада. Но целосно спротивно на етичките и моралните норми е техничката влада, односно премиерот, кој и самиот бил припадник на ОНА, да спроведе процедура за предлог-закон со бенефиции на ветераните припадници на оваа воена формација, со сѐ уште недефиниран (контроверзен) статус во воениот конфликт од блиското минато на Македонија. Тоа би било класична злоупотреба на функцијата технички премиер – вели Борче Давитковски, универзитетски професор по управно право.
Професорот Давитковски укажува дека можностите на Владата да се јави како предлагач на закони во овој технички период треба пред сѐ да бидат искористени и ограничени на усвојување реформски закони и закони во функција на изборниот процес, а не за закони со контроверзен потенцијал за општествено провоцирачка дебата. Доколку таа групација, кои се сметаат за „заслужни“ припадници на нелегалната воена формација од 2001 година, имала намера да го „регулира својот статус“, професорот Давитковски се прашува зошто не го направила тоа преку пратениците во Собранието.
– Како предлагачи на закони можат да се јават Владата и пратениците во Собранието, како и преку граѓанска иницијатива со собирање потписи. Доколку припадниците на ОНА од 2001 година навистина имаат предлог-закон за регулирање на својот статус, зошто не го направиле тоа (и сѐ уште можат да го направат), на пример, преку пратениците на ДУИ, кои произлегуваат како своевидно политичко крило на таа воена формација? Иницијативата да се искористи состојбата што техничкиот премиер е поранешен припадник на таа воена формација би била злоупотреба на функцијата – нагласува професорот Борче Давитковски.


Ако на прашањето каков беше „карактерот на конфликтот во 2001 година“ одговоревме, и тоа во разумно време по судирот, педантно, прецизно, институционално и процедурално во точно форматирана содржина и облик, денес немаше да има дилема: кој бил агресор, а кој бил бранител; кој ги штити уставниот поредок и законите, а кој ги урива(л); кој сепарира територии и суверенитет, а кој почитува принцип на унитарност; кој практикува криминал, а кој се бори против криминалот; кој влегува „по клуч“ во институциите, а кој по мерит-системот… Или, накратко, принципот на владеењето на правото немаше уште од таа 2001 година до денес да стане заложник на „аргументите на политичкото насилство“

Неодговорените прашања од 2001 година
Молчењето ги изедначува агресорот и бранителите

Актуелниот обид за „протуркување едно длабоко контроверзно законско решение што се однесува на статусот на припадниците на терористичката УЧК со помош на преодниот премиер и поранешен соборец на припадниците на ОНА за време на владеењето на т.н. преодна (техничка влада), повторно на голема врата ги покажува симптомите на една „скриена непрележана државна болест“, генерирана од неодговорените прашања во македонското општество за тоа каков беше „карактерот на конфликтот во 2001 година“!
Реномирани безбедносно-политички аналитичари редовно проценуваат дека базичната грешка е направена со тоа што Македонија не донесе навремено релевантно документирано согледување (за граѓаните, за институциите, за историјата и заради непречено натамошно владеење на правото) за прецизно да го одреди карактерот на оружениот судир. Тоа е суштината во процесот на созревање на една демократска држава. Експертите нагласуваат дека ако го сторевме тоа педантно, прецизно, институционално и процедурално во точно форматирана содржина и облик, денес немаше да има дилема: кој бил агресор, а кој бил бранител; кој ги штити уставниот поредок и законите, а кој ги урива(л); кој сепарира територии и суверенитет, а кој почитува принцип на унитарност; кој практикува криминал, а кој се бори против криминалот; кој влегува „по клуч“ во институциите, а кој по мерит-системот… Или, накратко, принципот на владеењето на правото немаше уште од таа 2001 година до денес да стане заложник на „аргументите на политичкото насилство“. Со поттурнувањето под черга на неодговорените прашања од 2001 година, во секоја пригода кога ќе се процени како добра можност, ќе се соочуваме со иницијативи за „регулирање нечиј статус“, како лизгав терен за изедначување на агресорот и бранителите.

Шанса за зелената агенда на ДУИ во техничката влада

Ако веќе се отвора прашањето за „регулирање на статусот на припадниците на ОНА“, никако не смее да бидат пренебрегнати четирите вратени „хашки случаи“ на злосторства против човештвото извршени токму од припадници на таа воена формација, „запретани“ во македонското правосудство, со надеж дека ќе бидат и заборавени. Четирите судски предмети, кои Хашкиот трибунал ги врати во 2008 година да бидат процесирани во македонскиот правосуден систем, сепак не успеаја да ги процесираат овие случаи. Тие се ставени ад акта, со „автентично толкување“ на претходно донесен закон за амнестија. И понатаму останува особено контроверзно што некои од главните осомничени за овие случаи дури се на клучни политички функции во државата и имаат речиси пресудно влијание за политичките текови, како на внатрешен така и на надворешен план во овие две децении по формално завршениот конфликт. Сепак, во колективната македонска меморија од таа 2001 година е останато дека припадници на ОНА врежуваа со нож разни пораки на тела на цивили. Таквиот товар на колективната меморија го прави циничен и антицивилизациски секој обид за „протнување“каков било закон за „регулирање на статусот на ветераните на ОНА“.
Јасно е дека и понатаму останува како предизвик за Македонија дека таа страница со оружениот конфликт од 2001 година треба да се затвори. Но, според соговорниците со кои се консултиравме, ако партијата ДУИ, од чии редови доаѓа и техничкиот премиер Талат Џафери, денес, дваесетина години подоцна, декларира „зелена агенда“, сега Џафери има можност и треба да спроведува „зелени политики“ во интерес на сите граѓани на Македонија. Но дури и во тој контекст, нагласуваат соговорниците, задолжително е техничкиот премиер да го консултира внимателно Законот за преодна влада и доследно да го спроведува и беспотребно „да не кине зелени“ ставајќи се себеси и македонската држава во незавидна ситуација.