Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонија во бугарскиот стратегиски контекст за 21 век: Долгорочна бугарска стратегија на негирање насочена кон систематско ништење на македонскиот национален идентитет (3)

 

Во последниов период некои од македонските аналитичари се обидуваат да го наметнат ставот дека Бугарија како држава, нација и општество нема јасна визија ниту конкретна стратегија во однос на Македонија. Според нив, постои впечаток дека бугарската политика е импровизирана, без планска активност насочена кон македонскиот народ. Но ваквите тврдења не ја одразуваат реалноста. Доказ за спротивното е анализата на проф. д-р Радко Начевски, објавена во 2001 година, под наслов „Бугарија во бугарскиот стратегиски контекст за 21 век“. Во тој текст, Начевски, кој денес веќе не е меѓу нас, ја разгледува т.н. „Национална стратегическа програма број еден“ на Научниот центар за бугарска национална стратегија. Тој јасно укажува дека документот има цел да ја насочи бугарската политика кон формулирање национална доктрина за 21 век, која би служела како основа за остварување на „националниот идеал“ и „националните интереси“ во временска рамка од 10 до 30 години. Меѓу другото, во анализата се нагласува дека бугарската држава пред меѓународната заедница и дипломатските кругови мора јасно и недвосмислено да ја истакне својата позиција: неоснованоста и неприфатливоста на признавање на македонскиот јазик и македонската заедница. Дополнително, се инсистира дека Бугарија треба да поставува прашања за целосно усогласување со европските норми, но во контекст на „националните права на Бугарите во Македонија“. Оттука, денешните барања за промена на македонскиот устав, како и континуираното негирање на македонските национални особености, не се случајни ниту изолирани појави. Тие се дел од долгорочна стратегија чија суштина е насочена кон систематско поткопување и ништење на македонскиот национален идентитет. За овие опасности д-р Радко Начевски предупреди уште пред повеќе од две децении – предупредување што денес се покажува како претскажувачко и актуелно. Денеска го претставуваме третото, последно продолжение од фељтонот на профeсор д-р Радко Начевски.

Бугарите во Америка
и во Австралија

Во поднасловот „Место на живеење“ ce наведува дека Бугарите во Америка и во Австралија емигрирале во последните 120 години. Така, денес на двата континента живеат околу 450.000 емигранти, од кои во САД – 160.000, во Канада – 150.000, во Централна и Јужна Америка – 38.430, а во Австралија и Океанија – 110.150.
Бугарите од Бугарија и од историско-географската област Македонија (станува збор за Македонците од македонскиот етнички географски простор, заб. H.Р.) што ce иселиле во новиот свет ce делат на „стара“ и „нова“ емиграција. „Старата“ емигрирала во периодот до почетокот на Втората светска војна. „Новата емиграција“ од Македонија, како што ce наведува во БНД, ce иселила во Америка од 1950-тите години наваму. Таа поминала низ комунистичкото училиште на Скопје и по воспитание е „македонистичка“. Помеѓу „старите“ и „новите“ Македонци постои голема разлика – различен им е односот спрема Бугарија, a раздвоена им е и црквата.
Во овој поднаслов посебно ce потенцира улогата на бугарското лоби на тие простори, кое би било од големо значење за зајакнување на бугарската свест и врските со матичната земја. Откако ce набројуваат повеќе бугарски организации (културно-просветни, студентски, религиозно-црковни општини, хуманитарни, политички) што суштествуваат во САД, Канада и Австралија, ce наведува дека за бугарското лоби би било пожелно најактивниот дел да биде составен од политичките организации, додека другите организации би имале помошни функции.
Во тој контекст, најреално би било таквата улога да ja имаат двете основни бугарски политички организации: БНФ (Б’лгарски национален фронт) и МПО (Македонска патриотична организација).
Заедничко за двете е тоа што имаат контакти со мнозина политичари од американска и меѓународна големина, имаат сопствени изданија (официјален орган и изданија на свои активисти), финансиски ги поддржуваат радиоемисиите, околу себе имаат гравитирачки студентски групи, имаат реално влијание во бугарските црковни општини. Разликата е во тоа што во БНФ членуваат главно лица од „стара“ Бугарија (во сегашните граници или во нејзините граници од 1912 год.), a во МПО членови од сите краишта на географската област Македонија.
Во однос на родољубивата дејност и мотивираност, во БНФ нема проблеми, што не е така и во МПО, каде што доминира регионализмот.
Во почетокот на 1990-тите години, како што ce наведува во БНД, МПО западнала во тешка идејна криза (пресвртна била 1991 година, кога Р Македонија ja прокламира својата независност). Според бугарските стратези, вината за кризата ce префрла на субверзивната активност на македонските (југословенски) тајни служби, a голем дел и на грчката пропаганда. Исто така, ce обвинуваат и бугарските дипломатски кругови од времето на комунизмот, кои по однос на оваа политичка организација пројавиле голема „незаинтересираност“. Како резултат на тоа, на чело на МПО застанале луѓе (родени во Америка, по потекло од Беломорска Македонија) што ги немаат квалитетите на претходните раководители, ги немаат нивните познавања, слабо или воопшто не зборуваат бугарски, шират догма на лозунгот „Македонија на Македонците“…, a некои потпаѓаат под влијание на македонските служби и политичари. Како резултат на тоа, во „Македонска трибуна“ почнало (основно) да ce пишува на англиски, исчезнале редакторските коментари, почнала масовна појава на препечатување без коментар на написи од американскиот печат. Идејната криза кулминирала со исклучување од сојузот на МПО на структурите од Торонто, кои ce обвинувале за водење политика на екстремен бугарски национализам и заложба за директно обединување на Македонија со Бугарија.
Особено е интересен ставот дека во секој број на „Македонска трибуна“ може да ce прочитаат извадоци од македонски информативни агенции, a од анализите на „печатот во Скопје“ може да ce направи резиме дека во тек ce „разработки за разбивање и преземање на МПО од страна на македонистите. Официјалното раководство на МПО избегнува да ja коментира новонастанатата состојба“.
Во насоките на бугарските стратези, за реализирањето на стратегиските цели во однос на Бугарите во Америка и во Австралија, во поднасловот „Стратегија на Бугарија“ ce дефинираат следниве позначајни задачи и активности:
1. Бугарија да учествува во утврдувањето на активните и формирањето нови родољубиви емигрантски организации, кои ќе ja сплотуваат дијаспората и ќе ja заштитуваат бугарската национална кауза;
2. Да ce активираат контактите на бугарските државни раководители, политичари, дипломати, научници и родољубиви организации со македонско-бугарската емиграција во САД;
3. Бугарските научници да напишат „Историја на бугарската емиграција во новиот свет“, која на бугарските иселеници ќе им ги објаснува потеклото и националните традиции;
4. Бугарската држава и Светиот синод на БПЦ сестрано да ja поддржуваат Бугарската православна епархија во новиот свет, за да може да ja извршува својата духовна обединувачка мисија кај емиграцијата;
5. Да ce финансира издавањето бугарски весник, кој ќе ja запознава македонско-бугарската емиграција со историјата на нејзините корени и јазик и ќе ги критикува фактите на пропагандата на македонизмот;
6. Целосно спротивставување на македонистичката пропаганда кога ce во прашање индивидуални контакти со нејзините пропагатори;
7. Да ce работи врз создавањето активно бугарско лоби во средините на бугарската емиграција во Америка и во Австралија.


Агресивноста на современата бугарска стратегија манифестна и преку непризнавање на македонскиот национален идентитет и на автокефалноста на МПЦ-ОА

Агресивноста на современата бугарска стратегија е манифестна и преку непризнавањето на македонскиот национален ентитет на Македонците што живеат на бугарскиот простор, како и непризнавањето на автокефалноста на Македонската православна црква.
Имајќи ги предвид стратегиските аспекти на бугарската држава детерминирани во БНД, најголема помош за Р Македонија од страна на првата држава што ja призна нејзината независност би била – наместо „татковската“ грижа за судбината на Македонија, која особено ce експонира во актуелното време на албанската герилско-терористичка агресија на дел од македонскиот простор – верификација на македонската нација и на македонскиот јазик во бугарскиот парламент.
Победата на парламентарните избори на националното движење „Симеон Втори“ навестува нов стратегиски курс во однос на македонската држава, со конотација на напуштање на досегашната бугарска политика спрема „македонското прашање“. Тоа го навестуваат зборовите на Соломон Паси, раководител на екипата за надворешна политика и национална безбедност на движењето на царот: „Во моментов нема потреба Бугарија да импровизира и да прифаќа лидерска улога на голема сила и да ce однесува татковски спрема Македонија“.

Автор: проф. д-р Радко Начевски

крај