Отсекогаш луѓето се интересирале за брзините кај автомобилите. Вообичаените прашања на автомобилските љубители се: кои суперавтомобили се најбрзи и кој автомобил го поставил новиот светски рекорд за брзина. Но што е со автомобилите што се на сосема спротивниот крај на спектарот, оние автомобили што се бавни? Иако не постигнуваат големи брзини, заслужуваат барем малку внимание. Само затоа што едно возилото е бавно, не значи дека нема карактер. Вообичаено овие бавни автомобили се всушност малку необични. Сите тие имаат мал и интересен изглед со одличен надворешен стил што дефинитивно не е за секого.

 

„Рено твизи“
„Рено твизи“ претставува електричен двосед, кој поседува 17 коњски сили. Францускиот градски автомобил поседува батерија што може да му овозможи од 50 до 100 километри возење. Овој опсег на движење зависи од стилот на возење, сообраќајот и просечната брзина со која се вози автомобилот. „Рено твизи“ може да постигне максимална брзина од 45 километри на час. Овој автомобил има толку основен внатрешен дизајн (според повеќето дури и соголен) и нема дополнителна опрема поради што возачите треба да користат електрични ќебиња со приклучок за да се затоплат во зимските месеци. За среќа, „твизи“ е навистина евтин и тој чини нешто помалку од 7.000 евра. Ако има нешто што е поевтино, тоа е поседувањето и возењето велосипед.

„Пил П50“
„Пил П50“ не само што е најмалиот автомобил во светот, тој е и еден од најбавните. Овој автомобил со три тркала претставува микроавтомобил, кој почнал да се произведува од 1962 до 1965 година од компанијата „Инженеринг Пил“. Во 2010 година, „пил П50“ беше официјално наведен од Гинисовата книга на рекорди како најмал автомобил направен досега. Моќта на автомобилот доаѓа од моторот со 49 кубни сантиметри, кој може да произведе 3,35 коњски сили. Исто така, овој автомобил има и електрична верзија со 3,08 коњски сили. Брзите автомобили се натпреваруваат кој побрзо може да постигне забрзување од нула до 100 километри на час. Овој автомобил може да сонува постигнување од 100 километри на час, неговата максималната брзина што е 48 километри на час.

„Аиксам купе“
Производителот на автомобили и скутери „Пежо“ произведе мал и ситен автомобил, кој има околу 2,5 метри должина. Францускиот автомобил „аиксам купе“ е класифициран како лесен квадрицикл двосед, кој има 5,6 коњски сили. „Аиксам купе“ е напојуван од двоцилиндричен дизел-мотор со зафатнина од 400 кубни сантиметри. Овој автомобил може да постигне слична максимална брзина како „пил П50“, околу 48 километри на час. За разлика од „пил П50“, максималната брзина кај „аиксам купе“ е електрично ограничена на 48 километри на час. Интересно е што во Франција и во Велика Британија возачот не мора да поседува возачка дозвола за да може да го управува овој автомобил. Единствените услови се да имате најмалку 16 години и да го имате положено редовниот тест за мопеди.

Електричниот автомобил „МИА“
Електричниот автомобил „МИА“ претставува еден од најубаво дизајнираните автомобили во оваа листа на автомобили. Но производството на електричниот автомобил „МИА“ е веќе прекинато. Изграден е од 2011 до 2013 година во Франција, а производството на крајот заврши поради финансиски проблеми. Излегува дека дури и Французите не сакале да го купат ова хечбек-комбе со три врати. Сепак овој автомобил со целосно полнење на електричните батерии (за кои е потребно три часа) може да понуди возење до 50 километри. Освен тоа што бавно се полни неговата батерија, овој автомобил бавно и се движи. Тој за 30 секунди може да постигне од 0 до 90 километри на час. Всушност, „МИА“ е, веројатно, најбавниот автомобил со четири тркала во светот.