Во рамките на 57-от „Октобарски салон“, најголемата регионална изложба на современа уметност, која ќе се одржи во Белград, под наслов „Чудо на какофонијата“, од 14 септември до 28 октомври, свое дело ќе претстави и светската уметничка ѕвезда Јоко Оно. Се работи за долгогодишен проект, насловен „Будење“, кој го тематизира родовото насилство, а уметницата за таа пригода ги повика жените од Србија и од целиот свет да се вклучат со сопствените приказни.
– Жени од сите години, од сите земји на светот, ве повикуваме да ги испратите своите сведоштва за злото што ви е нанесено само затоа што сте жени. Напишете го на својот јазик, со свои зборови и пишувајте отворено колку што сакате. Можете да се потпишете со име, ако сакате, но немојте да го ставате презимето. Испратете фотографија само од своите очи – порача Јоко Оно во јавниот повик, објавен на официјалната страница на „Октобарски салон“.
Исказите за злото и фотографиите на очите, како што најавува уметницата, ќе бидат изложени како дел од нејзината инсталација „Будење“ на 57-от „Октобарски салон“ во Белград.
– Инсталацијата ќе продолжи да расте и ќе биде изложена во многу земји. Навистина се надевам дека ќе учествувате – напиша Јоко Оно, една од водечките експериментални и авангардни уметници, која веќе над пет децении создава во подрачјата на перформансот, филмот, поезијата, музиката и книжевноста.
Добитничка е на „златниот лав“ за животно дело на Венециското биенале во 2009 г., како и на наградата „Оскар Кокошка“, највисокото австриско признание за современа применета уметност во 2012 година.
Покрај Јоко Оно, свои дела на годинешниот белградски „Октобарски салон“ ќе претстават звучни имиња од светската уметничка современа сцена: Хелен Мартен, Јан Фабре, Олафур Елиасон, Синди Шерман, Лари Бел, Анселм Кифер, Такаши Мураками и др.