Цвеклото е двегодишно растениe, со темноцрвен вретенест корен и темнозелени листови, и спаѓа во најкорисни и најлековити градинарски култури. Се користи целото растение и може да се употребува во текот на целата година. Богата е со витамини и минерали и може да се јаде без ограничувања.

Цвеклото изобилува со хранливи материи и ги содржи речиси сите минерални состојки, калциум, калиум, натриум, фосфор, магнезиум, железо, флуор манган, бакар, јод, сулфур, литиум, стронциум, бром и уште многу корисни состојки што го подобруваат здравјето.

Поседува значајни количества витамини Б1, Б2, Ц, како и витамин Б12, кој е редок во растителната храна, па е многу важно во исхраната на вегетаријанците. Присуство на антоцијани влијае при обновување на крвта и има антиканцерогено дејство. Цвеклото има поволен ефект во случаи на деминерализацијата на коските и на зглобовите. Присутниот јод помага во борбата против артериосклероза и го забавува процесот на стареење.

Како најлековити состојки на цвеклото се сметаат бетанинот и бетаинот, бидејќи ја поттикнуваат размената на материите, го регулираат крвниот притисок, го намалуваат лошиот холестерол, го одржуваат здравјето на крвните садови и ја стимулираат работата на црниот дроб.


Сок од свежо цвекло

Поради лековитите својства, цвекло се препорачува и при тешки заболувања. Со варењето се губи дел од лековитата моќ, па најдобро е да се пие сок од свежо цвекло. Од еден килограм цвекло се добива околу 700 милилитри сок. Цвеклото треба да се излупи, ситно да се изренда и да се прелее со сок од лимон и мед. Откако малку ќе отстои, сокот треба да се пие малку по малку, во текот на целиот ден. Кај потешки заболувања треба да се пие од половина до еден литар сок дневно, а по подобрувањето количеството треба да се намали на 250 грама.

Сос од цвекло

СОСТОЈКИ:
3 цвекла
3 чешниња лук
15 г маргарин
1 лажиче мајчина душичка
220 мл пилешка супа
50 мл црно вино
сол и црн пипер

ПРИГОТВУВАЊЕ:
Се мие цвеклото, се замотува со лукот во фолија и се става во тепсија, па се пече на 180 степени.
Се лупи, се мелат во блендер лукот и цвеклото.
Се става маргарин на тава да се стопи и се додава мајчина душичка, се додаваат супата и вино и се остава да проврие.
Се додава и цвеклото со лукот и се ставаат сол и црн пипер.
Ако сакате погуст сос, нека крчка подолго.
Се јаде со компир или со тестенини.


Салата од цвекло за јакнење на желудникот и црниот дроб

Цвеклото треба крупно да се изренда и да се измеша со помало количество рендан корен од целер. Се зачинува со малку сол, јаболков оцет, една лажица маслиново масло и малку мелен ким. Може да се додаде и малку кисело млеко и да се посипе со сечкан магдонос.