Жителите на Црна Гора со право на глас в недела избираат нов претседател, кој ќе треба да го наследи актуелниот шеф на државата Филип Вујановиќ, кој веќе 15 години се наоѓа на таа позиција, објави МИА. Во трка за претседателската функција се седуммина кандидати, но најсериозни претенденти за местото нов претседател на Црна Гора се лидерот на владејачката Демократска партија на социјалистите (ДПС), Мило Ѓукановиќ, и независниот кандидат Младен Бојаниќ, кој ја има поддршката на поголемиот дел од опозициските партии.
Анкетите на јавното мислење пред одржувањето на изборите покажуваат дека Ѓукановиќ ќе освои околу 50 проценти од гласовите, додека Бојаниќ, чија кандидатура ја поддржаа Демократскиот фронт (ДФ), Демократска Црна Гора (ДЦГ), Социјалистичката народна партија (СНП), Обединета реформска акција (УРА) и Обединета Црна Гора (УЦГ), може да очекува околу 35 отсто поддршка.
Од другите кандидати, единствената жена во трката, Драгиња Вуксановиќ од Социјалдемократската партија (СДП) ужива поддршка на околу осум проценти од гласачите, Марко Милачиќ од партијата Вистинска Црна Гора (ПЦГ) може да се надева на околу три отсто, а тројцата други кандидати заедно – Хазбија Калач од Партијата на правдата и помирувањето (СПП), Добрило Дедеиќ од Српската листа (СЛ) и независниот кандидат поддржан од Партијата на обединетите пензионери и инвалиди (ПУПИ), Василије Миличковиќ – имаат поддршка на околу три проценти од избирачите. Ѓукановиќ, кој по парламентарните избори во октомври 2016 година најави повлекување од активната политика, сепак реши да се врати од „политичката пензија“ и да се кандидира на овие избори.
Тој е политичарот со најдолг политички стаж и важи за ветеран меѓу балканските политичари – во изминативе 29 години е на некоја од клучните позиции во државата – претседател, премиер или лидер на ДПС, која сама или во коалиција со други партии е на власт во Црна Гора од 1990 година. Аналитичарите проценуваат дека Ѓукановиќ има многу поголеми шанси да стане шеф на државата в недела, отколку ако се оди на втор круг. Тие сметаат дека ако во првиот круг не успее да ги освои неопходните над 50 проценти од гласовите, тогаш во вториот круг ќе се најде сам против сите и не е исклучено да дојде до хомогенизација на гласачите на опозицијата, при што тој би можел да биде поразен од некој од опозициските кандидати, најверојатно Бојаниќ.