Не би сакал Македонија да се најде во група со Франција, а не би било лошо да ги избегнеме Германија или Бугарија. Со другите имаме шанси, вели капитенот на македонската одбојкарска репрезентација, Никола Ѓоргиев

Најдобрите македонски одбојкари на вечерашната ждрепка (18.30 часот) во Брисел (во „Атомиум“) ќе ги добијат противниците на финалниот турнир на Европското првенство (ЕП) што ќе се одржи од 12 до 29 септември годинава. ЕП ќе се одржи во четири земји, Франција, Белгија, Словенија и Холандија, а првпат ќе настапат 24 репрезентации, кои ќе бидат поделени во четири групи со по шест селекции. Во осминафиналната нокаут-рунда ќе се пласираат четирите најдобри репрезентации од секоја група.

Франција (група А), Белгија (Б), Словенија (Ц) и Холандија (Д) како домаќини ќе играат на домашен терен. Другите 20 репрезентации се поделени во пет барабани, а Македонија е во четвртиот, заедно со Шпанија, Украина и со Грција. Според правилата на Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ), во иста група не ќе можат да играат двете првопласирани селекции од минатото ЕП 2017, Русија и Германија.

Капитенот на македонската репрезентација, Никола Ѓоргиев, најдобриот поентер во квалификациите за ЕП, кој настапува во Јапонија, за Осака блејзерс, вели дека за Македонија е добра околност што е во четвртиот барабан.

– Тоа значи дека како противници во групата ќе имаме најмалку една, па и две репрезентации со сличен квалитет како нашиот. Групата на Франција би требало да биде најтешка, а онаа на Холандија најлесна, барем на хартија, и би сакал Македонија да се најде таму. Од другите барабани за противници ги посакувам Чешка од вториот барабан, потоа Турција или Словачка, како и Романија или Австрија. Не би сакал да сме во група со Франција, а не би било лошо да ги избегнеме Германија или Бугарија од вториот барабан. Со другите две селекции, Финска и Чешка, имаме поголеми шанси – вели Ѓоргиев.

Македонија, која ќе дебитира на ЕП, на шампионатот се пласира по крајно неизвесна завршница во квалификациската група Ф, освојувајќи го второто место во конкуренција со Украина, Швајцарија и со Унгарија. Пласманот на ЕП 2019 е успех за Македонија, но желбите и амбициите не завршуваат само со тоа.

– Кога веќе ме прашувате за можните ривали, и ако би можел да избирам, посакувам група со Франција, Србија, Чешка или Турција, Финска или Португалија, Романија или Австрија. Македонија ќе дебитира во најсилната европска конкуренција, таму ќе нема лесни противници, само тешки и потешки, но останува да видиме против кого и во која група ќе играме, добро да се подготвиме, да правиме процени и анализи и добро да играме – вели селекторот на Македонија, Никола Матијашевиќ, кој е тренер на францускиот прволигаш Рен, лидерот во шампионатот на таа земја. 


Можни се балканска и шампионска група

Вечерашната ждрепка во Брисел во иста група може да спои шест репрезентации од просторите на поранешна СФР Југославија, но и од Балканот. Таквата варијанта предвидува во групата Ц, каде што домаќин е Словенија (Љубљана) да се најдат Србија, Бугарија, Турција, Македонија и Црна Гора. Можна е и супергрупа со поранешни европски прваци, Франција (една титула), Русија (14 заедно со СССР), Италија (6), Шпанија (1), Чешка (3) или Србија (2) и Романија (1).


ДОМАЌИНИ
Група А: Франција (Монпелје)
Група Б: Белгија (Брисел, Антверпен)
Група Ц: Словенија (Љубљана)
Група Д: Холандија (Ротердам, Амстердам)

БАРАБАНИ
1: Русија, Србија, Полска и Италија
2: Бугарија, Германија, Финска, Чешка
3: Естонија, Словачка, Турција, Португалија
4: Македонија, Шпанија, Украина, Грција
5: Белорусија, Црна Гора, Романија, Австрија