Од минатиот број на страниците на „Колибри“ ги објавуваме расказите на седумте учеснички на тукушто завршената работилница за креативно пишување „Остани дете, стани писател“, на издателството „Икона“. Творбите на кои работеа Амелиа, двете Јани, Екатерина, Марија, Мелина и Евгенија, под менторство на познатиот македонски писател Александар Прокопиев, наскоро ќе се најдат и собрани во книга
Здраво, јас сум Дајана, и пред некој ден бев во шума со пријатели. Но наеднаш се појави еден рис, сите се тргаа настрана и се плашеа освен јас. „Дајана, тргај се оттаму, веднаш!“, рече исплашено другарка ми Викторија. „Дајана тргај се веднаш!“, рече другар ми Кристијан и ме потргна, но го спречив. „Чекај малку“, кажав јас замислена во рисот. Отидов поблиску до рисот и комунициравме, но никој не нѐ разбираше. Се здруживме и ме пушти да го галам. Им кажав на сите да не се плашат дека ми е другарче. „Дајана, ај не се занесувај“, рече Лена, „тоа е само рис и може во секоја секунда да те изеде.“ Проба да ме тргне, но рисот ме бранеше. „Но овој рис е специјален Лена, дури ме брани, и тоа не е секој рис“, смирено реков јас. „Ми текна име – Ема. Тоа е добро име, нели мало рисче?“ Ема кимна со главата. „Ќе го носиш рисот дома?“, праша Викторија „Да, и тоа не е рис повеќе, туку е Ема и плус е бебе“, реков јас. „Јас не сакам рисови“, рече Кристијан. „Ни јас“, рече Викторија. „Ниту пак јас“, рече Лена. „Дали сакате мачки?“, прашав јас, но ги слушнав истите одговори. „Ветувам, еден ден јас ќе ве спријателам, наместо со Ема, со мачките. Договорено?“, реков јас. „Да, договорено“, кажаа сите, но длабоко во себе уште знам дека тоа е Ема.
Но денес не ми се случи нешто слично како пред некој ден.
Јас ја донесов Ема дома додека мама беше излезена, си играв со неа многу убаво. Ми текна дека мама ми кажа сѐ да биде средено до три часот, а сега беше два часот. Почна да ме боли глава. Чувството беше како да ми експлодира главата, ги затворив очите за пет секунди и наеднаш се појавив во една бела просторија и единствено што имаше беше еден фиокар. Јас се приближив и почнав да слушам гласови: „Дојди кај мене! Поблиску, ПОБЛИСКУ!“, рече првиот убедувачки смирен глас. „Не оди таму, немој, ТОЈ Е ЛОШ!“, рече вториот исплашен глас. Над фиокарот имаше една илузија, во која не престанав да гледам, и одев поблиску и поблиску сѐ додека не дојдов до фиокарот. Јас бев најисплашена на целиот свет. Ја отворив фиоката и излезе Ема, ама во лик на чудовиште. Тој лик на Ема беше шарен, ама шарен со сликички натрупан и тие слики беа моите незаборавни лоши мемории. Од страв вреснав и со ногата ја бутнав фиоката. Почнав да барам врата, но немаше ништо освен тој фиокар.
Ема беше дома сама, без никој. Така, на Ема ѝ помина цел час осамен. Наеднаш мама ја отвори вратата и кога ја виде Ема, мама вресна на сет глас. Ема се исплаши и спринт тргна да се крие.
Јас почнав да плачам и да се обесхрабрувам, но наеднаш си реков: „Ако продолжам вака, никогаш нема де излезам оттука. Треба да отидам таму и да ја отворам фиоката со сета храброст“. Отидов до фиокарот и почнав да мислам кога тета ми кажуваше дека секогаш треба да сум храбра. Ја отворив фиоката и имаше само слики од мемориите. Ја допрев едната слика и белата соба се претвори во зоолошката во Будимпешта и пак го доживеав моментот. Така стегнав друга, каде што бев во музеј во Софија. Така стегнав уште една и уште една и така ги стегнав сите, и дури и кога бев бебе, ја затворив фиоката и во тој момент бев дома. Ја видов мама исплашена и ја прашав: „Мамо, што ти е?“ „Се појави еден тигар ама малечок и сега е скриен“, рече мама. „Мислиш рис?“, прашав. „Да, рис, не ги разликувам“, рече мама. Почнав да ѝ раскажувам на мама сѐ и кога сфати пола ѝ кажав: „Сега ќе те запознаам со неа. Ема, дојди“. Ема дојде и ја запознав со мама. Мама ме пушти да ја чувам само надвор. Но, на крајот на краиштата, мама ми кажа да почнам со средување.
Евгенија Кузмановска