Ученици од скопското основно училиште „Лазо Трповски“ освоија награда на Меѓународниот училиштен натпревар за воздушен и вселенски сообраќај 2018 година, кој традиционално се одржува во Берлин, Германија. Заедничкиот проект изработен од учениците од 4-б одделение „Ние и ’Ербас’“ беше координиран од двајца наставници во својство на ментори – Елена Угриноска и Стефан Симовски. Проектот на учениците од ова скопско училиште успешно ја помина прелиминарната фаза на натпреварот и влезе меѓу десетте најдобри проекти, а за својот конечен пласман наградените добија соодветни дипломи и соодветен трофеј (автентичен модел на товарниот авион од флотата на „Ербас“: „ербас белуга“ во размер 1:200).
Натпреварот го организира Сојузното германско здружение за воздушна и вселенска индустрија од Берлин во соработка со Сојузното министерство за економија и енергија на Германија, Сојузното министерство за образование и истражување на Германија, „Луфтханза техник“ АД и концернот ЕАДС (во чии рамки влегува и познатиот производител на патнички авиони „Ербас“). Конечната одлука во врска со наградите на овој екипен меѓународен натпревар за ученици од трето и од четврто одделение ја донесе деветчлено стручно жири. Подетални информации во врска со натпреварот може да најдете на официјалната веб-страница на организаторот на натпреварот www.skyfuture.de Во името на деветчленото стручно жири на наградените ученици од ООУ „Лазо Трповски“ им се обрати раководителот на натпреварот Тим Е. Бранд, кој меѓу другото истакна: „Ви благодарам за прекрасниот проект.
Не грижете се што не стоите највисоко на пиедесталот зашто и вие сте меѓу наградените на натпреварот. Да така е, радувајте се, затоа што и вие освоивте награда! Наградени сте затоа што вашиот проект е фантастичен, затоа што се забавувавте додека го работевте и затоа што сте одлични тимски играчи. Се разбира сите финалисти на натпреварот освојуваат награда! Вашата награда е летачки трофеј за целото одделение и диплома за секого од вас. Се надевам дека учеството на натпреварот ви беше толку забавно како што му беше и на стручното жири кога го оценуваше вашиот проект“. Учеството на овој меѓународен натпревар ООУ „Лазо Трповски“ го реализира како воннаставна активност. Инаку, наградата освоена на Меѓународниот училиштен натпревар за вселенски сообраќај, што се одржа во Берлин, германија, свечено ќе им биде врачена на учениците и на нивните ментори в петок во 11 часот во просториите на училиштето, од страна на директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство Горан Јандреоски.
Стефан Симовски,
предметен наставник по германски јазик
во ООУ“ Лазо Трповски“ во Скопје