Дури 22,4 отсто од луѓето низ Европската Унија, или 113 милиони луѓе, се изложени на ризик од сиромаштија или социјална исклученост. Официјалните бројки за Македонија се движат околу европскиот просек, но кај одредени категории во земјава, како што се семејства со три и повеќе издржувани деца, и кај невработени лица стапката е значително над просекот
Иако, генерално гледано, светот денес е многу побогат отколку што бил некогаш, бидејќи во минатото поголем дел граѓани, освен мала привилегирана елита, живееле во услови што би се класифицирале како екстремна сиромаштија, последните истражувања покажуваат дека денес само малцинство живее во благосостојба, а и таа бројка се намалува.
Според податоците на Светската банка, уште во 1990 година, бројот на луѓе во екстремна сиромаштија изнесувал 1,9 милијарда, или 36 отсто од светското население. Веќе во 2018 година се проценува дека бројот на сиромашните паднал на 650 милиони, односно на 8,6 проценти од светското население. Сепак, како што укажуваат податоците, намалувањето не е рамномерно распространето, бидејќи Кина и Јужна Азија остварија огромен напредок, за разлика од Супсахарска Африка, каде што се зголемил бројот на екстремно сиромашни луѓе.
– Екстремната сиромаштија се дефинира со живејачка за помалку од 1,90 американски долар, или 1,71 евро на ден. Со оваа мерка, Европа и другите делови на светот едвај се регистрираат на скалата. Приходите се повисоки, но исто така и трошоците за живот – пишува „Еуроњуз“.
Светската банка разви систем на оценување, поставувајќи „линии на сиромаштија“ за различни категории на земја, во однос на националниот доход. Во повеќето земји од ЕУ, ова е предвидено на 21,70 долар, или 19,54 евра на ден.
Имајќи ги предвид материјалното и социјалното лишување, бројките на Евростат од 2017 година сугерираат дека 22,4 отсто од луѓето низ Европската Унија, или 113 милиони луѓе, се изложени на ризик од сиромаштија или социјална исклученост. Стапката беше дури и повисока за деца отколку кај возрасната популација, виртуелно се покажа дека четвртина од населението е во опасност.
Во Македонија, според податоците на Државниот завод за статистика, стапката на сиромаштија изнесува 22,2 отсто. Истражувањето на сиромаштијата што го направи ДЗС покажало дека само 2,7 отсто од жителите може лесно да го протуркаат месецот со приходите што ги имаат.
– Чувството на сиромаштија е поизразено во градските средини, каде што само 2,7 отсто од домаќинствата изјавиле дека со вкупните месечни приходи што ги имаат лесно ги задоволуваат потребите, за разлика од жителите на руралните средини, во кои тоа чувство е застапено кај 3,2 отсто од домаќинствата – е наведено во извештајот на ДЗС.
Нивната анализа покажува дека повеќе од четвртина од домаќинствата, или 28,6 отсто, сметаат дека многу тешко можат да ги намират месечните потреби.
– Стапката на сиромашни, пресметана според препораките на Евростат, во 2015 година изнесуваше 21,5 отсто, во 2016 година 21,9 отсто, додека во 2017 година 22,2 отсто од лицата живеат под прагот на сиромаштија – се вели во истражувањето на Заводот за статистика.
Оттаму додаваат дека за сиромашни се сметаат лицата што живеат сами, со годишен приход од 90.129 денари, додека, пак, прагот на сиромаштија за четиричлено домаќинство, кое по дефиниција е составено од двајца возрасни и две деца под 14 години, е поставен на годишен приход од 189.270 денари. По тие критериуми, според последните податоци, во нашата држава живееле околу 460 илјади сиромашни лица.
– Сиромаштијата во земјата е стагнантна и, според последните податоци, во 2017 година е 22,2 проценти. Сепак, кај одредени категории, како што се семејства со три и повеќе издржувани деца (44,6 проценти) и кај невработени лица (31,6 процент) стапката е значајно над просекот. Но, покрај овој индикатор, доколку ја анализираме пошироката слика, или мултидимензионалните индикатори за сиромаштија, како што се можност за одење на одмор, можност да се обезбедат четири од девет основни материјални потреби, услови за домување и слично, ситуацијата е позагрижувачка – вели Благица Петрески, главна економистка и извршна директорка во институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“.
Таа додава дека како мала и отворена земја, ние сме изложени на случувањата кај нашите најголеми трговски партнери, вклучувајќи ја и Германија. Но посочува дека случувањата во германската економија не би можеле најдиректно да ги поврземе со сиромаштијата во земјата.
– За излез од сиромаштијата многу се позначајни индивидуалните карактеристики на лицата, социјалните политики и колку е околината овозможувачка за излез од сиромаштија. Во таа насока, некои од реформите, како што се минималниот гарантиран доход и најавата за интегриран менаџмент на случај, треба да дадат резултати во намалувањето на сиромаштијата. Но, истовремено, треба да постои свесност дека излезот од сиромаштија на долг рок е можен само со вработување, градење вештини кај лицата за повисока заработка и поголема продуктивност – додава Петрески.
Иако порано вработеноста се сметаше за еден од начините за излез од сиромаштијата, во последниве години сѐ почести се истражувањата што покажуваат дека со вработувањето не се гарантира излез од сиромаштијата.
– Гледаме експлозија на несигурни работни места, договори без саатница… Сѐ повеќе луѓе работат, но тие очајно се обидуваат да сврзат крај со крај во месецот – вели Лео Вилијамс, директор на Европската мрежа за борба против сиромаштијата за „Еуроњуз“.
Европска мрежа што е фокусирана на бездомништвото, вели дека има огромен пораст на нивото на бездомници низ Европската Унија. Проценето е дека 700.000 луѓе преспиваат на отворено или, пак, во центрите за итни сместувања во ЕУ. Тоа се 70 отсто повеќе од пред една деценија.
Овие алармантни податоци се објавени пред крајниот рок на стратегијата „Европа 2020“, во чија агенда е предвиден пораст на работните места, за намалување на сиромашните граѓани за 20 милиони луѓе. Но најновите бројки сугерираат дека намалувањето е за само пет милиони луѓе. Од Европската мрежа за борба против сиромаштијата тврдат дека постои фундаментална врска помеѓу сиромаштијата и растечката нееднаквост и дека е крајно време светските лидери да усвојат нова стратегија.
– Навистина можеме да видиме дека ќе треба да се променат состојбите, и од штедење треба да се свртиме кон социјални инвестиции. Моментот е погоден за промени, имаме нови политички лидери во ЕУ и време е тие да се посветат на искоренување на сиромаштијата – додава Вилијамс.
Луѓе изложени на ризик од сиромаштија или социјална исклученост
Европска Унија 22,4%
Бугарија 38,9%
Романија 35,7%
Шпанија 26,6%
Англија 22%
Франција 17,1%
Финска 15,7%
Чешка 12,2%
Македонија 22,2%