Просечната цена на бензинските горива во Хрватска изнесува 10,10 куни, а пред еден месец таа изнесуваше 9,56 куни
Цените на бензините во Хрватска ја преминаа психолошката граница од 10 куни, а полнењето еден резервоар е поскап за седум куни во споредба со минатата недела, кога литар бензин чинеше 9,96 куни. Со ова продолжува растот на цената на горивата, кој трае со недели. Просечната цена на бензинските горива изнесува 10,10 куни, а пред еден месец таа изнесуваше 9,56 куни. Цената на дизел-горивата е непроменета и нејзината просечна цена изнесува 9,86 куни, за разлика од пред еден месец кога изнесуваше 9,61 куни.
Повеќето возачи не се воодушевени од новото поскапување на горивата и тие ја критикуваат одлуката на Министерството за економија на Хрватска, која е спротивна на движењата на цените на нафтата на светките берзи.
– Вредноста на барел сурова нафта оди надолу, значи и горивото би требало да оди надолу. Но каде што почнува Хрватска тука и престанува логиката. Одржувањето на возилото станува прескапо – вели еден граѓанин во анкетата на ТВ Нова.
Хрватските граѓани се жалат и на поскапата храна, иако од Нова година Владата ги намали стапките на ДДВ за некои производи. Според податоците на Државниот завод за статистика, цените за некои прехранбените производи се зголемиле, а за некои се намалиле! Така, месото поевтинело за 3,5 отсто, а овошјето за 10 отсто. Рибата поскапела за два, а зеленчукот за 4,6 отсто.
Претседателот на Независниот хрватски синдикат, Крешимир Север, ги повикува граѓаните да бидат внимателни при купувањето на основните производи за живот.
– Купувачите лесно ќе препознаат кој ги намалил цените и ќе ги заобиколуваат трговците што сакаат да заработат на повисоките цени – вели Север.
Од најголемиот трговски синџир за ТВ Нова изјавија дека ги намалиле цените во просек за 10 отсто. Намалувањето на цените го потврдуваат и во Хрватската стопанска комора.
– Во трговијата гледаме смалување на цените, но тоа не е во рамките на очекувањата на потрошувачите – вели Томислава Равлиќ, раководителката на Секторот за трговија во ХСК.
Пораст на цената се очекува кај млекото, а причината за тоа е враќањето на надоместот од 50 липи за пластичните шишиња. Тоа што ги загрижува домашните производители на млеко е дека потрошувачите ќе се свртат кон поевтините производи од увоз.