Во култното кино „Бабилон“ во Берлин се одржа годинешното издание на фестивалот на кинематографиите на Југоисточна Европа во Берлин „Сее а Берлин“. Интернационалното жири за најдобар филм на фестивалот го прогласи „Устав на Република Хрватска“, во режија на Рајко Грлиќ, чии копродуцент е македонската „Револушн продукција“. За најдобар актер на фестивалот беше постхумно прогласен Небојша Глоговац, за најдобар режисер Едон Ризваноли, за косовскиот филм „Непосакувано“, а за најдобра актерка беше прогласена Горица Поповиќ, за улогата во српскиот филм „Козји уши“.
Фестивалот, кој оваа година привлече посебно внимание кај берлинската публика, беше отворен во Амбасадата на Република Романија, пред голем број значајни личности од културниот и општествениот свет. Во присуство на амбасадорите на Романија, Македонија и на Црна Гора, министерот за култура на Црна Гора, Александар Богдановиќ, го прогласи фестивалот за отворен, истакнувајќи го значењето на овој фестивал за интеграцијата на балканските земји во Европската Унија.
Традиционалните награди за животно дело им беа доделени на големиот романски режисер Луцијан Пинтилие и на бугарската актерка Цветана Манева. Престижното признание личност на Југоисточна Европа во областа на економската европеизација на Балканот му беше доделена на Кирил Самарџиоски од Прилепска пиварница. Наградите „Еуропа прима“ им беа доделени на Маркус Ингенлат и на Батрис Ангранд, директори на Германско-францускиот офис за млади. Фестивалот на Југоисточна Европа продолжува во Париз од денеска до 2 јуни, со специјално обраќање на француската министерка за култура Франсоаз Нисен, бидејќи од оваа година фестивалот ќе се одвива под покровителство на Министерството за култура на Република Франција.