При вакви услови, тие со сите свои расположливи средства треба да бидат активни
во ловиштата, пред сѐ во прихранување на дивечот
Снежната виулица, замрзнатиот дожд и ниските температури секако дека им создаваат големи тешкотии на сите јавни служби, а токму ваквите метеоролошки неприлики не одат во прилог ни во одгледувањето на разните видови дивеч. Но ловџиите и ловните работници и при ваквите услови, со сите свои расположливи средства, треба да бидат мошне активни во ловиштата, пред сѐ во прехранување на дивечот, секојдневно нудејќи му приготвена зрнеста, но и покрупна храна, за дивечот да не гладува и со тоа што подобро да ја преброди зимата. Истовремено со понудената храна дивечот останува и во добра физичка кондиција.
Зајаците подобро се приспособуваат во ловиштата во зимски услови од преостанатиот дивеч, и покрај тоа што високиот снежен покривач ги оневозможува слободно да се движат и им го отежнува пронаоѓањето на храната. Но затоа, пак, се видливи штетите што зајаците ги прават на младите овошни стебла. Со адекватно зимско прехранување на зајаците, како што се сеното, детелината, пченката, сточната репка, ќе се намалат и штетите врз овие млади овошни насади, а и зајаците полесно ќе го поминат овој зимски период.
Целосно и делумно броење дивеч
Броењето на уловениот дивеч во ловиштата се врши кон крајот на зимата и почетокот на пролетта, во зависност од временските услови во текот на февруари и март. Тоа броење може да биде целосно, кога се брои сиот дивеч, или делумно, кога се врши на одредени површини и тогаш вкупниот број на уловениот дивеч се добива на индиректен начин со пресметување. Пребројувањето на дивечот мора да го организираат и водат искусни ловџии, кои имаат голем авторитет кај преостанатото ловџиско членство, а добиените резултати да бидат точни, оти токму тие податоци добиени од броењето на уловениот дивеч треба да бидат почетна основа за изработка на идни плански документи.
Употреба на ракавици при риболов
Во случај на екстремно силна зима и многу влажно време, добар избор за риболов се водоотпорни ракавици
Кога времето е многу студено, мошне е значајно риболовците да ги зачуваат рацете суви и топли. Ако рацете замрзнат, сосема е сигурно дека во краток временски период на рибарот ќе му биде студено и по другите делови на неговото тело, оти студот безмилосно продира.
Можеби звучи изненадувачки, но на рибарот никако не му се препорачува да употребува волнени ракавици додека лови. Постојат две мошне значајни причини за ова.
Првата е ако ракавиците се натопат или барем малку во нив влезе вода, рибарот нема лесно да ги исуши, што значи дека ќе му создаваат проблем цело време при рибарењето. Оваа опција секако дека е лоша и за неговото здравје, што, од друга страна, може да предизвика сериозни проблеми, па дури и хронични болести кај рибарот колку тој подолго време ги користи.
Втората значајна причина е што на таквите ракавици може да се закачи некоја рибарска јадица, игла и слични дреболии, што, покрај тоа што ќе придонесат рибарот да биде нервозен, тој ќе изгуби и многу време за да ја откачи од ракавиците, кои, пак, патем може и да се скинат и понатаму да бидат целосно неупотребливи.
Ако е времето студено, но и суво, тогаш најдобар избор на ракавици се оние од кадифе, оти тој материјал е многу топол и пријатен за носење. Овие ракавици претежно се тенки, па нивното користење при риболовот не претставува никаков проблем за рибарот.
Во случај на екстремно силна зима и многу влажно време, добар избор се водоотпорни ракавици. Последна и најдобра варијанта за риболов во екстремни услови се ракавици од неопрен, оти не пропуштаат вода, ја задржуваат топлината. Но истите тие не се препорачуваат за потопло време, бидејќи не „дишат“, па затоа е подобро да се земат малку покомотни или нивни варијанти од кои повремено рибарот може да ги извади своите прсти.