Зголемувањето на конкурентноста на македонските компании несомнено е главниот предизвик и приоритет на економската политика, при што порастот на конкурентноста на приватниот сектор треба да се бара во рамките на друг развоен модел на македонската економија. Главните идентификувани стратегиски приоритети се развој на економијата и зголемување на продуктивното вработување, а со тоа и издигнување на животниот стандард на граѓаните
Македонија апсолутно мора да продолжи со структурни реформи, сѐ додека дефинитивно се најде на патот кон одржливиот развој, со конкурентно стопанство, компатибилно со стопанството на ЕУ. Во тој контекст, зголемувањето на конкурентноста на македонските компании несомнено е главниот предизвик и приоритет на економската политика, при што порастот на конкурентноста на приватниот сектор треба да се бара во рамките на друг развоен модел на македонската економија. Со дефинирањето на стратегиските приоритети и нивната примена може да се постигне забрзан економски развој.
Бранко Азески, претседател на Стопанска комора на Македонија, вели дека излезот од структурната криза бара сложена програма, во која паралелно со економската, треба да се води и социјална политика, водејќи сметка за животната средина, еколошките стандарди, како и актуелните промени во ЕУ.
Од Владата на Република Македонија велат дека главните идентификувани стратегиски приоритети се развој на економијата, зголемување на продуктивното вработување и подигнување на животниот стандард на граѓаните.
– Развојот на економијата не може да обезбеди подигнување на животниот стандард на граѓаните ако неговите плодови се неправедно распределени. Владата има за цел постепено да внесува праведност во двата клучни механизми за редистрибуција во економијата – даночниот и социјалниот систем. Промените во даноците и социјалните трансфери ќе бидат воведувани заедно со подобрувањето на ефикасноста на институциите. Првиот чекор во подобрување на ефикасноста на институциите е обезбедување целосна фискална транспарентност – сметаат од Владата.
Како што додава Азески, планот за економски пораст преточен во неколку мерки од Владата ги содржи насоките и барањата на деловната заедница за кои Стопанската комора на Македонија континуирано имаше свои предлози и укажувања до креаторите на економската политика.
– Клучната поента е дека планот за економски пораст дефиниран преку три столба има за цел остварување поголем економски пораст преку поддршка на компании што се во добра кондиција и истовремено може да испорачаат уште поголеми позитивни резултати – нови вработувања, нови инвестиции, зголемување на извозот, основни претпоставки за поголем економски пораст. Затоа, клучен предизвик е да се запрат негативните трендови со рефокусирање на социјалната енергија, од услужни главно за домашниот пазар, кон вистински производствени инвестиции во функција на пораст на конкурентноста, на производството и на извозот – истакна Азески.
Данела Арсовска, претседателка на Сојузот на стопански комори на Македонија, истакна дека за справување со предизвиците со кои се соочува приватниот сектор се потребни континуитет, долгорочни планови и стратегии, комуникација и отвореност на институциите во насока на заедничко креирање идни политики за развој.
– За да може приватниот сектор да инвестира, еден од најзначајните услови е стабилна политичка состојба и владеење на правото како врвни приоритети за инвестирање на компаниите во Македонија. За да се осмели бизнис-секторот да инвестира, потребни се стабилност и доверба во судскиот систем и владеење на правото еднакво за сите. Поточно, спроведувањето на неопходните стратегиски економски реформи, со приоритет на регулаторната реформа, реформи на енергетскиот и транспортниот пазар, намалување на неформалната економија и функционирањето на пазарниот систем, како и доследност на политиките за зголемување на инвестициите, се клучни за постигнување економски пораст, поголема конкурентност и подобар животен стандард – смета Арсовска.
Според неа, заедничко за сите сектори е предизвикот за справување со неформалната, поточно сивата економија. Неформалната економија, според анализите, кај нас опфаќа околу 30 отсто од националната и продолжува да расте.
– Ова претставува директна нелојална конкуренција на регистрираните македонски компании и го поткопува развојот на стопанството во Република Македонија. Потребно е да се овозможи функционален механизам за справување со сивата економија, бидејќи таа не придонесува во буџетот и дополнително ги дестимулира компаниите да инвестираат, со тоа што ги руши основите на еднаквост врз кои се темели еден пазарен систем – нагласува Арсовска.
Таа додава дека приватниот сектор, а особено малите и средните претпријатија не се во можност да ја следат брзата промена во легислативата, а во исто време потребно е да биде прашан за сите законски измени што го засегаат стопанството.
– Токму затоа, важно е вклучувањето на деловната заедница со свои предлози и мислења во измените и носењето закони, што ќе резултира со креирање законски решенија што ќе бидат применливи во практиката – појаснува Арсовска.