Американскиот претседател Доналд Трамп ги предупреди технолошките гиганти „Гугл“, „Фејсбук“ и „Твитер“ да бидат внимателни, бидејќи се наоѓаат на многу проблематичен терен, обвинувајќи ги за политичка цензура.

– Мислам дека тоа што го прават „Гугл“ и другите, ако погледнете што се случува со „Твитер“, ако погледнете што се случува со „Фејсбук“, би било подобро да бидат внимателни, бидејќи не можат да им го прават тоа на луѓето. Не е фер кон поголемиот дел од населението – оцени Трамп.

Трамп неодамна ги обвини гигантите за политичка пристрасност и цензура, но не даде докази за своите тврдења. Тој вчера на Твитер напиша дека „Гугл“ „манипулира со резултатите од пребарувањата во корист на негативните извештаи за него и за другите конзервативци“. Трамп напиша и дека „96 отсто од резултатите од пребарувањето вести за Трамп“ потекнуваат од „националните левичарски медиуми“, што, според него, е „многу опасно“.

„Гугл“ го демантира американскиот претседател, наведувајќи дека резултатите никогаш не се рангирани со намера за политичка манипулација.

– Кога корисниците пребаруваат во „Гугл“, нашата цел е во неколку секунди да им обезбедиме да добијат најрелевантни одговори. Пребарувањето не се користи за поставување политички агенди и не покажува резултати врз основа на чија било политичка идеологија. Секоја година правиме стотина подобрувања на нашите алгоритми за да се обезбеди висококвалитетна содржина – се посочува во соопштението на „Гугл“.


„Ќе има насилства ако победат демократите“

Американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека неговите политики може насилно да бидат променети ако демократите победат на ноемвриските избори за Конгресот. Медиумите во САД објавија аудиоснимка од средба на Трамп со евангелистички лидери зад затворени врати во Белата куќа, на која тој им вели дека изборите се „референдум“ за слободата на говорот и на религијата и дека тие се под закана од „насилни луѓе“.
– Тие ќе урнат сѐ што направиме досега, брзо и насилно. Има насилства. Погледнете ги Антифа, тоа се насилни луѓе – вели Трамп, алудирајќи на ултралевичарските групи, кои често се судираат со ултрадесничарите.
Трамп исто така побарал од конзервативните христијански групи да ги повикаат своите верници да излезат на гласање, зашто во спротивно може да „загубат сѐ“.
Претседателот на САД се мачи со скандали и изборите во ноември многумина ги сметаат и за народно изјаснување за Трамп, посочува Би-би-си.