Вечерва е новото дерби Металург – Вардар во Регионалната лига
Ракометарите на Металург, денеска, од 20.15 часот (пренос на МТВ), во СЦ „Борис Трајковски“, во Скопје, ќе го пречекаат градскиот ривал Вардар во дербито од 10-то коло од Регионалната лига. Тргнувајќи од составот на екипите и квалитетот на играчите и резултатите што ги имаат зад себе сезонава, вардарци се апсолутни фаворити во денешниот дуел со младата екипа на Металург, но тоа не значи дека избраниците на Данило Брестовац ќе излезат со бело знаме.
– Знаеме кој е Вардар и што значат за нас меѓусебните дуели. Во последните три-четири години тие бележат одлични резултати и имаа силна и квалитетна екипа. Иако имавме две тешки гостувања, верувам дека мотивот и борбеноста во дуелот со Вардар ќе бидат на едно високо ниво. Повредите, заморот и сите работи што ни се случуваа на гостувањата ќе ги заборавиме и ништо нема да нѐ спречи да го дадеме најдоброто од себе. Со дисциплинирана игра и максимален пристап ќе се обидеме на најдобар можен начин да им се спротивставиме на вардарци – изјави голманот Мартин Томовски.
Вардар, Татран, Нексе и Загреб со по 21 бод се на делба на првата позиција на табелата, петта е Стеауа со 15 бода, Мешков и Војводина ја делат шестата позиција со по 12 бода, осми е Железничар со девет, следуваат Металург со четири и Извиѓач со еден бод. До паузата за Светското првенство во Германија и Данска во јануари, металурзите ќе одиграат уште три натпревари. В недела (17.30 ч.) ќе го пречекаат белорускиот првак Мешков, а потоа ќе имаат две гостувања, кај Нексе (недела 20.15 ч.) и кај Извиѓач (вторник 20.15 ч.). Вардар, пак, в сабота гостува кај Железничар (20.15 ч.), потоа идната среда го пречекува Татран (20.15 ч.), а на 17 декември игра на гости кај Стеауа (17.15 ч.).