Подмладувањето можеби звучи како некое барање алиби за евентуален неуспех во квалификациите, но тоа не е така, туку потреба да им се даде шанса и на оние играчи што за 3-4 години ќе ја претставуваат базата на кошаркарската репрезентација, вели новиот селектор Тодоров

Сметам, а и наидов на поддршка дека ова е моментот, дека покрај пласман на Европското првенство (ЕП) во 2021 година, треба да се изврши и подмладување на кошаркарската репрезентација, оти имаме неколку генерации што успешно се натпреваруваа на ЕП, за разлика од порано. Подмладувањето можеби звучи како некое барање алиби за евентуален неуспех во квалификациите, но тоа не е така, туку потреба да им се даде шанса и на оние играчи што за 3-4 години и ќе ја претставуваат базата на сениорската репрезентација, изјави Александар Тодоров, кој вчера беше претставен како нов селектор на македонската сениорска кошаркарска репрезентација.
Македонската селекција квалификациите за континенталното првенство ги почнува на 20 февруари, со меч со Естонија дома, а три дена подоцна е дуелот со Русија на гости. Во квалификациската група е и Италија. Најдобрите две селекции од групата, не сметајќи ја Италија, која е еден од домаќините на ЕП и директно се пласира на шампионатот, ќе играат на ЕП 2021. Првиот собир на репрезентацијата е закажан на 12 февруари.

– Естонија, која веќе ни беше противник во квалификацискиот циклус пред три години, по квалитет е на наше рамниште. И тие имаат нов селектор, Финецот Јука Ториала, кој беше две години тренер во романска Стеауа. И кај нив има подмладување, како и кај нас, така што немаме целосен увид за нив освен некои поединци, а истото тоа се однесува и за нив. Бидејќи Италија е директно пласирана, не можеме да кажеме дека ако ја победиме Естонија со повеќе кошеви разлика во Скопје, тоа ќе ни гарантира пласман на ЕП оти можеби Италија, која, пак, не знаеме во каков состав ќе настапува, ќе загуби од Естонија. А, Естонија тоа го покажа со победата над Србија во годинашните квалификации за СП 2019 – вели Тодоров, чиј договор е на 18 месеци, но со пласман на ЕП 2021 ќе биде продолжен за уште два циклуса, еден за СП 2023 и потоа за ЕП 2025.

Новиот селектор веќе разговарал со одредени кошаркари, на кои смета за првите два натпревара во февруари.

– Од оние со кои разговарав досега, а го потврдија својот настап во репрезентација, која ќе има 24 кошаркари за дуелите со Естонија и Русија се Ненад Димитријевиќ, Андреј Магдевски, Кристијан Николов, Војдан и Дамјан Стојановски, Марко Симоновски, Стојан Ѓуровски, Андреј Јакимовски, Марко Миловановиќ, Андреј Маслинко и Шејн Витингтон. Преговорите со Предраг Самарџиски се во тек. Од генерацијата до 18 години тоа се Лука Савичевиќ и Виктор Исајловски, а до 16 години Теодор Симиќ и Андреј Митревски – вели Тодоров, кој моментно е и тренер на романскиот прволигаш Крајова.


Стручниот штаб ќе се комплетира идната недела

Во стручниот штаб на селекторот Тодоров покрај Ѓорѓи Кочов (МЗТ Скопје) ќе бидат уште двајца тренери, чии имиња ќе бидат познати идната седмица. За физичката подготвеност ќе се грижи турскиот кондициски тренер Ерен Ханѓун (КК Бамвит), за психолошкиот аспект Ленче Алексовска-Величковска, видеокоординатор ќе биде Никола Велев (МЗТ Скопје), а во медицинскиот дел д-р Слободан Николиќ и физиотерапевтите Ненад Поповски и Михајло Маноилов.


Тодоров е 14-от селектор на Македонија

Досега македонската репрезентација ја водеа 13 тренери, од кои Јорданчо Давитков и Марин Докузовски во два наврати. По еднаш на кошаркарското кормило беа Александар Књазев, Благоја Георгиевски, Стерија Андоновски, Лазар Лечиќ, Заре Марковски, Јовица Арсиќ, Марјан Лазовски, Алеш Пипан, Александар Џикиќ, Марјан Србиновски и Драган Раца.