Македонија досега трипати играла со Исланд во Дејвис-купот и двапати победила, од тоа еднаш лани, со 3-0
Селекциите на домаќинот и носител Бугарија, на Исланд и на Албанија се ривалите на македонската репрезентацијата во групата А на тенискиот турнир од Третата европска зона на Дејвис-купот, кој од денеска до сабота ќе се игра во Пловдив, Бугарија. Во групата Б ќе играат: Андора, Кипар, Монако (носител) и Сан Марино. Македонската репрезентација, во состав Горазд Србљак, Димитар Грабул, Стефан Мицов и Ѓорѓи Јанкуловски, на чело со селекторот Чедомир Јовановски, во денешниот меч од 1-то коло ќе игра против Исланд, со кој македонските тенисери имаат позитивен скор од 2-1 во победи, на изминатите дејвискуп-натпреварувања.
Македонија го победи Исланд минатата година во истото натпреварување, со 3-0, исто како и во 2004 година, а единствениот пораз е од 2000 година, со 1-2. Според рејтингот на тенисерите, селекцијата на Бугарија ја има фаворитската улога во групата А. Таа на претходните мечеви во Дејвис-купот била поуспешна во дуелите со Македонија. Бугарските тенисери имаат две победи (по 3-0 во 2012 и во 2001 година), а Македонија една (2-1, во 1995 година). Македонија во три наврати (во 2013, 2014 и во 2016 година) била поуспешна од Албанија. Двете првопласирани репрезентации од групите в сабота ќе играат во финалето и победникот од тој дуел следната година ќе учествува во Втората евроафриканска зона на Дејвис-купот. Вториот турнир се игра во Црна Гора и оттаму победникот ќе се пласира еден ранг погоре.