Летната сезона ни е пред вратите, а тоа значи дека почнуваат и првите летни одмори. Подготовките за летниот одмор се неизоставен дел од целото доживување, па навистина би било непријатно доколку на патувањето до дестинацијата се појават проблеми со автомобилот. Луѓето честопати знаат да ја заборават важноста што ја има сигурниот автомобил, па затоа ќе потсетиме што сè е неопходно да се провери за да имате сигурен и лесен пат до посакуваната дестинација. Проверката на основните функции и системи на автомобилот е неопходна за убав и сигурен пат.
Првенствено, проверете ги сопирачките. Тие се една од најважните компоненти на автомобилот. Без разлика дали патувате на кратка или подолга дестинација, неопходно е сопирачките да функционираат беспрекорно за да се зголеми безбедноста на вашето возило. Следствено, пред патувањето, препорачливо е да ги проверите и гумите, како и функционалноста и состојбата на резервната гума. Пред патувањето, надујте ги сите гуми еднакво со препорачаниот притисок за вашето возило. Исто така, важно е и резервната гума да биде надуена, во случај ако треба да ја искористите. Доколку гумите се истрошени или се користат подолго време, идеално е да се консултирате со механичар за нивната состојба и за тоа дали е безбедно со такви гуми да се тргнува на подолг пат.
Сигнализацијата на патиштата е од огромно значење, особено на автопатиштата. Во таа насока, пред тргнување на пат, важно е предните светла, штоп-светлата и трепкачите да функционираат соодветно, за да се зголеми општата безбедност. Дополнително, паметна инвестиција е да ги промените старите бришачи со нови и да ги наполните резервоарите за течност на ветробранското стакло, бидејќи на „отворен“ пат, прегледноста е од највисоко значење.
Не секогаш моторите, особено на постарите автомобили, се во состојба да минат илјадници километри. За поголема сигурност, препорачуваме автомобилот да мине редовен сервис кај произведувачот, а доколку не сте во можност да го сторите тоа, сами проверете ги течностите, масло, течност за сопирачки и слично. Дополнително, проверете ја и состојбата на батеријата, акумулаторот на возилото. Ако акумулаторот е постар од 3 години, препорачливо е да го провери механичар пред тргнувањето кон саканата дестинација.
Крајно, со целиот багаж и сите додатоци што се носат на одмор, важно е во багажот на автомобилот да имате и соодветни алати за итни случаи. Тука може да го наведеме сетот за менување гума, дигалка и соодветен клуч, прва помош, знак за означување запрено возило на коловоз, односно сигурносен триаголник, апарат за гаснење пожар и други дополнителни алати, кои би можеле да помогнат во несакани ситуации. Советуваме во автомобилот секогаш да имате вода за пиење, храна што не се расипува брзо и може да издржи високи температури и соодветна облека за високи температури.
Автомобилот е важен дел од вашиот летен одмор, па затоа кратките и брзи проверки пред тргнување на долг пат може да само да ви помогнат патувањето да ви биде сигурно и удобно.