Ночев има освоено десетина титули во пионерска и во младинска конкуренција. Иако повеќепати на крајот од годината за вкупните постигнувања беше прв на ранг-листата, никогаш не стана сениорски првак на Македонија. Највисок дострел на сојузно ниво за него е второто место меѓу пионерите во Југославија. По завршувањето на кариерата беше претседател на ТК Југ, потоа на ТФМ и селектор на сениорската репрезентација на Македонија
Кога се зборува за македонскиот тенис во минатиот век, никако не може да се испушти името на една личност, која беше карактеристична по тоа што можеби има освоено најмногу титули на државните првенства во пионерска и во младинска конкуренција, но никогаш не стана сениорски првак. Луѓето што ги следат случувањата во белиот спорт, мислам на оние повозрасните, веднаш ќе се присетат дека тоа беше Славчо Ночев.
Тој беше еден од најекспонираните наши тенисери, кој постигнуваше добри резултати и во сојузна конкуренција. Меѓу другите успеси треба да се спомене освоеното второ место на пионерските првенства на Југославија, а неколку години беше меѓу осумте најдобри во младинска конкуренција во поранешната држава. Како сениор, пак, со ТК Југ на екипниот шампионат на поранешната држава во Загреб го освои четвртото место, што се смета за еден од најдобрите резултати воопшто во историјата на македонскиот тенис.
Ова го велам од проста причина што поранешна Југославија беше една од најсилните европски и светски тениски нации, од која произлегоа многу познати имиња на тенисот, кои во 50-тите и 60-тите години од минатиот век беа предводени, најнапред од Јосип Палада, за потоа на сцена да стапи познатата двојка Бора Јовановиќ и Никола Пилиќ. Во подоцнежните години најимпресивни резултати постигнуваа Жељко Франуловиќ и Боба Живоиновиќ, кои беа редовни учесници на АТП-турнирите. Во една таква конкуренција, навистина беше тешко да се стигне до тенискиот пиедестал во Југославија.
– Јас по иницијатива од мојот братучед дојдов во тенисот. Во тоа време многу мои другари зборуваа за овој спорт, а и кога ќе одевме на прошетка во Градскиот парк, некако терените на ТК Југ удираа во очи. Затоа не се колебав и веднаш го прифатив предлогот од братучедот да почнам да играм тенис. Уште на почетокот почувствував дека тоа ќе биде мојот спорт, но не ни помислував дека толку долго ќе останам во него. Тенисот стана мое секојдневие во младоста, па и денес понекогаш се појавува желба кај мене да го земам рекетот и да заиграм со ветераните – ја почнува својата приказна Славчо Ночев.
ШТЕРИЕВ – ПРВ ИДОЛ
Секој млад спортист, кога ја почнува својата кариера, тежнее да стане како оние славните претходници, кои зад себе имаа и резултати и педигре. Практично тие беа нивни идоли и посакуваа да тргнат по нивните патеки. Таков беше случајот и со Славчо Ночев.
– Мој прв идол ми беше Гаврил Штериев. Тој неколку години беше меѓу најдобрите во Македонија, па и јас посакував да тргнам по неговите стапки. Знаев дека ќе биде тешко, но верував во себе. Така, секојдневно почнав да доаѓам на терените на ТК Југ и со часови го удирав топчето во sидот. Тоа беше единствен начин да се совлада техниката на ударите, зашто не секогаш имав спаринг-партнери или, пак, слободен терен за игра. Sидот ми стана најдобриот „тениски пријател“ и преку него ја градев својата форма. Денес, можеби е малку чудно кога го кажувам ова, но тоа време беше такво. Немаше доволно тениски терени во Скопје, па мораше и така да се тренира, иако и во денешно време би рекол дека sидот може да им биде од голема корист особено на почетниците. Со 10 години дојдов на тенискиот терен, а со 12 на првенството во Тетово, откако во финалето го совладав Аце Дуковски, ја освоив и првата титула пионерски првак на Македонија. Радоста на првиот триумф во таа 1959 година беше голема. Овој резултат беше стимул да продолжам да тренирам, и тоа уште понапорно, за да можам и во иднина да освојувам титули. Тоа и се случи, па во наредните години победував и во конкуренција на постари пионери, потоа помлади и постари младинци. Единствено во сениорска конкуренција не станав првак на Македонија, иако настапив во неколку финални мечеви. Но затоа, пак, со оглед на постигнатите резултати, неколкупати на крајот од годината бев рангиран на првото место – се сеќава Ночев.
ПИОНЕРСКИ ВИЦЕПРВАК НА ЈУГОСЛАВИЈА
Инаку, најголемиот успех на сојузно ниво Славчо Ночев го постигна во конкуренција на пионери до 14 години. Тој на првенството во Борово стана вицепрвак на поранешната држава, што беше уште една потврда за неговите квалитети.
– Во финалето загубив од Тибор Тандари. Тоа беше една исцрпувачка битка во која, сепак, немав сили да дојдам до триумф. Но не бев разочаран зашто тој пласман ми ја отвораше вратата кон Европското првенство за пионери до 14 години. Сепак, поради лошата и, би рекол, аматерската организација во ТК Југ, ги испуштив подготовките во Сплит и така настапот на ЕП остана само пуста желба – вели Ночев.
Потоа и во младинска конкуренција Ночев постигнуваше добри резултати и беше меѓу осумтемина најдобри во Југославија, а секогаш беше и на вратата на младинската репрезентација. Паралелно со настапите во младинска конкуренција Ночев, како и другите поквалитетни играчи од Македонија, настапуваше на голем број турнири во Југославија.
– Нема да ја заборавам маратонската партија со Драган Савиќ во Бачка Топола. Не само што мечот беше маратонски, туку во борбата за еден поен имавме рекорден број префрлувања на топчето, кое дури 105 пати леташе преку мрежата. Гледачите и сите учесници, кои веќе ги завршија своите мечеви, се насобраа на трибините и чекаа тенискиот маратон да заврши. За жал, во тој дуел бев поразен од Савиќ, кој некоја година подоцна стана сениорски првак на Југославија – се присетува Ночев на тие настапи на југословенските терени.
РЕПРЕЗЕНТАТИВЕЦ И СЕЛЕКТОР НА МАКЕДОНИЈА
Славчо Ночев ги бранеше боите на Македонија и на традиционалните натпревари на поранешната држава. Тој, заедно со Тодор Николовски и со покојниот Јовица Лазовски, една година беше втор на Партизанската олимпијада во Фоча, на која учествуваа најдобрите југословенски младинци. Потоа имаше дуели и со Франуловиќ и со Иванчиќ, кои со брзи чекори одеа кон тенискиот врв, а против Иванчиќ имаше и победи.
– Беше задоволство да се игра и да се бранат боите на Македонија на сите тие турнири и првенства. Тогаш тенисот имаше поинаков шмек. За разлика од мечевите, кои беа жестоки и бескомпромисни, дружењето беше пријателско, вистинско. Не беше сѐ во играта и во победата, радосни бевме кога повторно ќе се сретневме и ќе заигравме на некој турнир – додава Ночев.
Во тоа време интересни беа и југословенските купови. На еден таков натпревар во Сплит, против селекцијата на БиХ, Ночев имаше еден неверојатен меч.
– Противник ми беше Ненад Ѓурановиќ, кој подоцна стана и дејвис-куп играч. Првиот сет го добив со 6-2, а во вториот поведов со 5-1. Сите очекуваа моја победа, но во тие моменти не знам што се случи, дојде до огромен пад во мојата игра и го загубив мечот. Никој не можеше да поверува како дојде до тоа. Јас и денес се чудам кога ќе се присетам на тој дуел. Инаку, доколку победев ќе бевме финалисти и во борба за првото место ќе игравме со хрватската тројка во состав: Франуловиќ, Иванчиќ и Фришчиќ – вели тој.
Славчо Ночев беше член и на екипата на ТК Југ, која на првенството во Загреб во 1971 година го освои четвртото место во екипна конкуренција во Југославија, што беше голем успех. Покрај него во составот на Југ беа уште Панов, Апостолов, Трповски, Ј. Лазовски и легендарниот Милутин Ѓуровски- Уте. Сите тие порано или подоцна го напуштија тенискиот терен, некои и животната сцена. Единствено активен остана Славчо Ночев, кој практично ги поврзуваше оние генерации од 1950-тите години со помладите што подоцна стапуваа на сцена предводени од Батев, Шевченко, браќата Китинови, Попов, Магдинчев и другите. А на оние што дојдоа уште подоцна им беше и селектор. Претходно, пак, ја извршуваше функцијата претседател на ТК Југ и на Тениската федерација на Македонија, а беше член и на Стручниот совет на ТСЈ.
Ете, така изгледа тениската биографија на еден од доајените на само на тенисот, туку воопшто на македонскиот спорт. Инаку, Славчо Ночев беше успешен и во професионалниот живот. По завршувањето на Технолошкиот факултет, се вработи во Хидрометеоролошкиот завод на Македонија, каде што постојано бараше нови предизвици и може да се каже дека тој е основоположник и на поставувањето на системот за мерење дневната загаденост на воздухот. Потоа, продолжи во „Алкалоид“, каде што, исто така, неговата професионална дејност беше поврзана со заштитата на животната средина.
Лична карта
Роден: во 1947 година во Скопје
Кариера: ТК Југ и репрезентација на Македонија
Успеси: вицешампион на Југославија за пионери до 14 години, повеќекратен првак на Македонија во конкуренција на пионери и на младинци, со ТК Југ на екипното првенство на Југославија во Загреб беше четврти, неколку години беше прогласуван за прв рекет во Македонија