Вашингтон и Москва водат нов индиректен судир, овој пат преку Куба и Венецуела. Обвинувањата, заканите и потезите на суперсилите опасно го туркаат светот кон работ на нова нуклеарна катастрофа, како во времето на кубанската ракетна криза од 1960-тите. Дали историјата ќе се повтори?
САД и Русија одново ги вкрстија копјата, овој пат преку Куба и Венецуела, што поттикна многумина да предупредат дека нуклеарните сили опасно го туркаат светот до работ на апокалипса, како при кубанската криза пред шест децении.
САД со санкции за Венецуела и Куба ја предупредува Русија
Американската администрација на 17 април објави дека воведува нови санкции против Венецуела, но овој пат, по подолго време и против Куба. Џон Болтон, советник за национална безбедност на американскиот претседател, изјави дека санкциите против „режимот на Николас Мадуро се предупредување и до Русија и други земји, кои се мешаат во внатрешните работи на Латинска Америка“. Државниот секретар на САД Мајк Помпео, пак, нагласи оти санкциите против Куба се воведуваат зашто Хавана прекршува човекови права, но и зашто му дава поддршка на Мадуро во Венецуела. Аналитичарите на „Геополитика“ во потезите на САД гледаат „проширување на американските политички, дипломатски, економски и пропагандни активности, кои најдобро беа видливи при јужноамериканската турнеја на Помпео, кога тој остро ги критикуваше кинеското и руското влијание во регионот, како и земјите што соработуваат со нив“. Целта на овие мерки е преку заострување на санкциите и другите казнени мерки, јужноамериканските држави да се усогласат со интересите на САД во тој регион, но и во светот. Затоа, освен Венецуела, во „пакетот“ казнети земји се најде и „стариот ривал“ Куба.
Болтон: Мора да се заврши операцијата на САД против Куба од пред шест децении
Болтон во говор пред преживеаните учесници од неуспешната операција во кубанскиот Залив на Свињите во 1961 година, кога САД се обидоа да ја соборат тогашната кубанска револуционерна влада на Фидел Кастро, нагласи дека САД „мора да го завршат“ тоа што тие го почнале на Куба пред речиси шест децении.
На ваквите изјави и потези од САД веднаш реагираше Москва. Рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков изјави оти Русија е загрижена од „американските активности против државите на Јужна Америка“.
– Гледаме операционализација на усвоените санкции и на други притисоци, што за нас се целосно противзаконски. САД отворено ја декларираат својата цел да ја скршат волјата и да постигнат промена на политичката ориентација на овие држави. Венецуела и Куба се наши сојузници и стратегиски партнери во регионот и ќе сториме сѐ за да ја почувствуваат нашата поддршка – рече Рјабков, не откривајќи какви мерки планира да преземе Москва.
Потезите и обвинувањата меѓу САД и Русија водат кон ново опасно затегнување на односите меѓу суперсилите во овој дел од светот, познато од времето на кубанската криза, оценуваат аналитичарите на „Геополитика“. На кризата од 1962 година ѝ претходеше американска поморска блокада на Куба поради разместување советски ракети на островот, по што СССР испрати свои бродови да ја пробијат блокадата. Тогашните воени игри на САД и на СССР го доведоа светот најблизу до нуклеарна катастрофа, а многу набљудувачи се загрижени дека сегашните случувања навестуваат повторување на сценариото.
Според „Геополитика“, тоа го овозможува и актуелната геополитичка ситуација во која „САД не можат да си дозволат нов надворешнополитички пораз како тој во Сирија, но и нарушување на односите со низа свои клучни сојузници и партнери од другата страна на Атлантикот“.
„Геополитика“: И Русија со сите сили ја брани својата сфера на интерес
Според „Геополитика“, Москва е соочена со силни западни санкции. НАТО долго време се шири до нејзините западни граници, а од 2014 година Алијансата го зголемува военото присуство и изведува сѐ поголеми вежби во т.н. руски двор. Според нив, на ред се руските партнери во Јужна Америка, а претходно тоа беа Сирија на Блискиот Исток и Украина (каде што Москва нема да дозволи стабилизација сѐ додека Киев не се откаже од членство во НАТО).
За тоа се свесни и стратезите во Вашингтон, па затоа во блиска иднина може да се очекуваат опасни игри во Карипско Море со далекосежни последици. Таму, освен Русија и САД, свое влијание има и Кина, која пред две недели испрати околу 200 војници на венецуелски остров. Во такви случаи тешко може да се прогнозира директна воена интервенција на САД во Венецуела, при што како фактор би требало да се земат и присутните руски сили и опрема, како и самата венецуелска војска и делот од граѓаните што сѐ уште го поддржуваат Мадуро. Од друга страна, според „Геополитика“, можна е т.н. сиризација на земјата, која веројатно е прифатлива опција за Вашингтон, но таа исто така би довела до колапс на државните капацитети и до големи човечки жртви, како во Сирија.
Искри над глобалното буре барут
Во таква ситуација, разбирлива е нервозата на двете страни. Русија е свесна за своите ограничени можности за дејствување далеку од својот двор. Нејзин главен аргумент е дека оперира врз основа на договорите со Владата на Каракас, што ѝ гарантира легитимитет пред ОН. САД, пак, се свесни за опасностите од еднострани воени потези, што би отвориле простор за слични дејствувања на Русија и на Кина во други делови од светот. Затоа, Вашингтон, како и на Блискиот Исток и во Азија, а сега и во Латинска Америка, се обидува да формира силни регионални сојузи. Тие би влегле во директен конфликт со „непријателските“ земји како Иран (и би им создавале проблеми на Русија и на Кина), а САД би им давале логистичка и разузнавачка помош, додека би ги повлекувале своите сили (како во Сирија или наскоро во Авганистан). Тоа ќе им овозможи на САД да ги префрлат своите сили на клучните геостратегиски центри во светот и да ги осигурат своите економски и безбедносни интереси на клучните поморски, копнени и комуникациски маршрути, како и да дејствуваат по потреба против кинеските, руските или европските интереси. Од успехот на ваквите намери на Вашингтон ќе зависат и идните американско-руски односи. Ако САД сметаат дека политиките од 1960-тите се анахрони и дека други земји нема да војуваат за нивни интереси, тие по некое време ќе се обидат да ги ревидираат односите со Русија. Таа ќе го прифати тоа зашто не сака директен судир со САД. Но дотогаш Русија нема да се повлекува од позициите, туку ќе бара други сфери за ширење на своето влијание, при што, за разлика од економски моќната Кина, ќе се служи со својата воена моќ и со енергетските богатства. Тоа ѝ го овозможува нуклеарниот арсенал, поради кој Вашингтон може само да чека некои други времиња или внатрешни потреси за да добие попријателски настроена влада во Кремљ, оценува „Геополитика“.
Тензиите засега не се смируваат, што ја зголемува опасноста од неконтролирани инциденти и од судир меѓу суперсилите. Со кубанската криза, тие го доведоа светот до работ на нуклеарна катастрофа. Дали историјата ќе се повтори?