Венко Андоновски, писател
Кога бев млад и кога се барав себеси, сакав да пишувам како Кафка, како Маркес, како Борхес, сè додека не се прашав – а знам ли да пишувам како Венко. Сега, по толку години, кога знам дека знам да пишувам како Венко, се прашувам – знам ли да пишувам како некој друг, а да останам Венко
Годинава нашиот најчитан писател Венко Андоновски објави нова книга, „Припитомување на кучката“, во која по подолго време се јавува со жанрот преку кој и стана познат во нашата книжевност – краткиот расказ. Со оваа книга раскази, која доаѓа по успехот на неговите романи „Папокот на светот“ (15 изданија) и „Вештица“ (9 изданија), како и успехот на неговите драми, „Олово на перница“, „Генетика на кучињата“, „За секого има по една“ и „Господарот на кукавицата“, Андоновски му се враќа на прозниот минимализам. Андоновски во циклусите раскази „Фрески“ и „Иконки“, ги покажува познатите, благородни форми на лудилото: лудилото на љубовта и лудилото на генијалноста. Тоа се форми на класичното лудило на недостигот, кои покажуваат дека недостигот, кој обично се замислува како „празнотија во душата“, всушност е најбогатото чувство на човекот: недостигот е максимална исполнетост на битието со копнеж.
По повеќе од 30 години, од култната книга раскази „Фрески и гротески“, со која всушност и почна вашата популарност, се јавувате повторно со раскази, овој пат под наслов „Припитомување на кучката“. И повторно во книгата имате циклус „Фрески“. Но овој пат имате и циклус „Иконки“, и циклус „Карикатури и гротески“. Како да се разбере тоа?
– Да, со „Фрески и гротески“ македонската јавност ме препозна како писател, иако пред тоа имав една книга раскази, „Квартот на лиричарите“. Taa помина само како најава на едно тогаш ново и надежно име во македонската книжевност. Од „Фрески и гротески“ наваму, се занимавав со пишување романи и драми, кои всушност и ме направија популарен и читан писател. Но на расказот како форма му останав должен: да не беше расказот, кој го сметам за најблизок до поезијата, а поезијата (метафората) за праматерија и на прозата и на драмата, сигурно немаше да ги напишам „Папокот на светот“, „Вештица“ или „Азбука за непослушните“.
Во романот се најдов себеси, и денес знам што за мене е роман; но „Припитомување на кучката“ мораше да настане, за да си расчистам што за мене е расказот. Живееме во време кога ги редефинираме жанровите. Секој постмодерен писател, со секој новонапишан роман или расказ дава своја дефиниција на овие жанрови, така што и романите и расказите се однесуваат самите кон себе како автодескриптивна теоретска фуснота. Во таа смисла, моите романи, по „Азбуката“, „Папокот“, „Вештица“ и „Ќерката на математичарот“ се целосно препознатливи, и „тоа е Венко“ во романот. Но моите раскази останаа, за сите овие три и кусур децении, она што беа во „Фрески и гротески“. Не пишував раскази, зашто расказот за мене е најтешка прозна форма и го немам често на својата работна маса, барем онака како што јас го дефинирав и го сфатив во „Фрески и гротески“. Таму дадов целосно специфично сфаќање за тоа што е расказот (за мене): тоа е чин на пишување само за возвишеното, со музикална реченица во нанизи и кумулуси, со доста архаизми, со неологизми што личат на архаизми, и со стилски украси. Сега дојде време да ги тестирам можностите на расказот и да проверам на која точка тие мои така дефинирани раскази поминуваат во нешто друго и веќе престануваат да бидат „фрески“, односно раскази во онаа смисла во која јас ги дефинирав. Затоа, „Припитомување на кучката“ е експериментална книга – во циклусот „Фрески“ сум оној стариот, познат и од „Фрески и гротески“ и од романите; дури, варирав веќе познати мои теми од „Фрески и гротески“, а стилот е ист како таму. Во „Иконки“ пробав да го задржам поимот на возвишеното, но да го скусам изразот (реченицата), па добив нешто чудно и за мене интересно – раскази со филозофски поенти, ама и раскази доста блиски до поезија во проза. А во третиот циклус, „Карикатури и гротески“, пробав да го спојам расказот со, за мене, досега нешто неспоиво: со стварноста, и да го направам ангажиран. Немав досега напишано расказ за стварноста, за „овде и денес“; секогаш пишував за минати времиња, како метафора за денес. Сепак, тоа свртување кон „сега и овде“ низ сите овие години го правев со моите драми, и неретко тоа беа фарси, или драми со ирониски стилски регистар. Така, сега пробав расказот да го направам критички и ирониски настроен кон ова време на карикатури и наше лудило. Се доби нешто чудно, со една особено „соголена“, ирониска реченица, нешто што љубителите на моите раскази-фрески можеби и нема да го прифатат како расказ. Некои раскази поминаа во цртички како кај Зошченко, некои во кратки форми на апсурдот како кај Хармс или Чехов (си ласкам себеси!), некои останаа карикатури, како кај Дарко Марковиќ. Во еден расказ дури вметнав и еден драмски текст, да видам дали воопшто може да се раскаже читањето на драмскиот текст, односно тема на расказот да стане читањето на една драма од страна на еден идеолошки цензор. Во секој случај, се забавував тестирајќи ги можностите на мојот расказ. Бев целосно свесен притоа дека личам на некој мој познат претходник на кој за малото прсте не можам да му се фатам. Но, си играв и уживав во таа игра. Читателот и критиката ќе видат колку сум успеал да се најдам себеси меѓу тие имиња на кои асоцирам; јас можам да говорам само за моите намери, не и за резултатите.
Зошто ставивте поднаслов „Раскази за лудилото“?
– Веќе реков: книгата е компонирана така да го покаже нашиот пад од највозвишеното до најниското. И лудилото може да биде возвишено: Едгар Алан По тврдеше дека тоа е највисока форма на интелигенцијата, мислејќи на креативното лудило. Но лудилото може да биде и ниско, на ниво на идеолошко-клиничко бунило. Првото е лудило на исполнетиот, а другото на празниот човек. Лудилото се јавува секогаш како реакција на недостиг; полудуваме кога нешто ни недостига. Но токму тој недостиг, при креативното лудило, парадоксално нѐ исполнува максимално, и тоа со најблагородната човекова особина – копнежот. Креацијата е состојба на максимална исполнетост со копнеж. Такви се моите ликови во првиот и во вториот циклус, „Фрески“ и „Иконки“. Во третиот циклус, „Карикатури и гротески“ имам само скечеви (нацрти) од ликови: тоа се празни луѓе, чие лудило е деструкцијата. Исполнетите со копнеж полудуваат од убавина и создаваат. Исполнетите со завист уриваат. За мене дури и лудилото има етички корен – насочено е или кон добро или кон зло. Расказите од третиот циклус се жално сведоштво за нашиот пад дури и во лудилото: од она лудило на Дон Кихот, кој копнееше по еден помистичен и пофантазмагориски свет, од Хамлетовото лудило, кое копнееше по вистината, спаднавме на лудило, кое копнее самото по себе и по сопствената замислена величина. Жално е ако нè припитоми тоа лудило, наместо ние него.
Што пишувате сега?
– Ништо. Скицирам. Влегов во фаза на себепреиспитување. Бидејќи денес нема завршени, туку само отворени жанрови, треба одвреме-навреме човек да експериментира самиот со себе, да си отвори нови патеки. Кога бев млад и кога се барав себеси, сакав да пишувам како Кафка, како Маркес, како Борхес, сè додека не се прашав – а знам ли да пишувам како Венко. Сега, по толку години, кога знам дека знам да пишувам како Венко, се прашувам – знам ли да пишувам како некој друг, а да останам Венко.
Освен тоа, многу нешта се сменија во жанрот расказ, од последната моја книга раскази. Во меѓувреме, си замина мајсторот на македонскиот расказ, Петре М. Андреевски, за среќа, останаа активни моите омилени македонски раскажувачи – Драги Михајловски и Блаже Миневски, а во отворањето нови можности на расказот, што особено ме радува, се вклучија и нови автори, и особено, авторки: ги сакам расказите на Оливера Ќорвезировска, Румена Бужаровска и Калина Малеска, а гледам и дека на вашиот конкурс за расказ се јавуваат и сосема нови имиња за мене, одлични раскажувачи, меѓу кои и жени. Сакав да дадам придонес во тоа враќање на расказот, особено затоа што ми се чини дека романот, во последно време некако стана книжевна мода, а расказот, врвот на прозата (според мене) – ги загуби својата популарност и читаност кај публиката. Време е да се врати кај читателите. Со сето богатство на нашите сфаќања што е расказ. К.Р.