Најновиот развој на настаните следува по неодамнешните американско-јужнокорејски воени маневри. Целта на севернокорејски лидер Ким Јонг-ун би можела да биде предупредување до Белата куќа за тоа што би можело да следува доколку наскоро не биде постигнат договор за нуклеарната програма на Пјонгјанг
Северна Кореја соопшти дека тестирала ново тактичко-наведувано оружје со моќна боева глава, што е прв ваков тест откако разговорите помеѓу Доналд Трамп и Ким Јонг-ун завршија без договор. Севернокорејските државни медиуми не објавија многу детали, но аналитичарите оценуваат дека е малку веројатно тоа да значи повторно тестирање на ракетите со долг дострел, што претставуваат закана за САД. Сличен тест беше извршен лани во ноември, најверојатно како обид за притисок врз Вашингтон. Преговорите за нуклеарната програма не бележат голем напредок од минатото лето. Двајцата претседатели во февруари се сретнаа во виетнамската престолнина Ханој за да разговараат за денуклеаризацијата, но преговорите пропаднаа откако Трамп и Ким ненадејно ја напуштија средбата. Севернокорејскиот лидер минатата седмица порача дека Трамп треба да има „исправен став“, за да може преговорите да продолжат, пренесува Би-би-си.
Корејската централна новинска агенција (КЦНА) објави дека на тестирањето лично присуствувал и претседателот Ким. Според КЦНА, тестот содржел различни модуси на лансирање на проектилот на различни цели, за што аналитичарите веруваат дека оружјето би можело да биде истрелано од копно, море или воздух.
– Развојот е од големо значење за зголемување на борбената моќ на Народната армија – порача севернокорејскиот лидер.
Ким лани изјави дека ќе запре со нуклеарните тестови и оти повеќе ќе нема лансирање на интерконтинентални балистички проектили. И покрај тоа, по сѐ изгледа продолжуваат нуклеарните активности, а минатонеделните сателитски снимки од главниот нуклеарен полигон на Северна Кореја сугерираат дека земјата најверојатно повторно почнала со преработка на радиоактивен материјал во гориво за бомби. Пјонгјанг тврди дека успеал да произведе нуклеарна бомба, што е доволно мала за да биде монтирана на ракета со долг дострел, како и балистички проектили што имаат потенцијал да погодат цели на територијата на САД.
Аналитичарот за Северна Кореја Анкит Панда посочува дека најновиот развој на настаните следува по неодамнешните американско-јужнокорејски воени маневри. Според Панда, најновото тестирање е директен одговор на сојузнички воени вежби. Тој додава дека во најновото тестирање најверојатно не била употребена ракета со долг дострел, ниту пак станува збор за нуклеарен тест. Тоа значи дека Ким може да тврди дека го почитува неговото ветување да не тестира вакви проектили, додека, пак, истовремено развива нови ракети.
Би-би-си оценува дека најновото тестирање најверојатно не е директен предизвик за американскиот претседател. Сепак, целта би можела да биде предупредување до Белата куќа за тоа што би можело да следува доколку наскоро не биде постигнат договор.
Ставот на актуелната администрација во Вашингтон по сѐ изгледа е дека сѐ додека нема нови тестирања и санкциите и натаму се во сила, тогаш нема причина да се брза со постигнувањето договор. САД исто така по сѐ изгледа сметаат дека ги „влечат конците“ во овие преговори. Сепак, најновиот тест е потсетник дека Северна Кореја продолжува со производство на оружје и покрај тоа што се соочува со остри економски санкции.
Покрај тоа, овие тестирања испраќаат порака и до севернокорејскиот народ. Најновите извештаи покажуваат дека Северна Кореја се соочува со недостиг од храна. Па, така, прикажувањето на воената моќ и потсетувањето дека земјата се соочува со познат непријател ќе му помогнат на Ким да ја зацврсти поддршката кај изгладнетиот народ.
Од друга страна, со ваквиот потег Пјонгјанг сака да се осигури дека севернокорејските воени капацитет се главен приоритет во разузнавачките извештаи наменети за Трамп. Како што американскиот претседател полека се доближува до изборната година, тој сигурно нема да сака главна вест во медиумите да биде серијата ракетни тестови, проблем за кој Трамп тврдеше дека го решил.
САД претходно соопштија дека преговорите пропаднаа бидејќи Северна Кореја инсистирала на целосно укинување на санкциите во замена за намалување на нејзиниот нуклеарен арсенал, но Пјонгјанг ги демантира овие тврдења. Во најновите коментари, Ким го повика Трамп да работи на договор што е заемно прифатлив, но исто така тој се осврна на неговите одлични врски со американскиот претседател.
Стејт департментот пред неколку дена соопшти дека Стивен Бејгум, специјалниот американски претставник за Северна Кореја, ќе ја посети Москва и со руските претставници ќе разговара за напорите за постигнување конечно и целосно потврдена денуклеаризација на азиската земја. Ваквото соопштение следува по шпекулациите за можна средба помеѓу Ким Јонг-ун и рускиот претседател Владимир Путин.