Според УЕФА, Роналдо има и најголем процент на реализација, Салах е најбрз на теренот, Роналдо и Левандовски најпрецизно додаваат, Роналдо и Џеко постигнаа голови со двете нозе и со глава…
Пред првите полуфинални натпревари од Лигата на шампионите во фудбал, Европската фудбалска унија (УЕФА) објави интересна статистичка анализа на четирите најголеми ѕвезди кај полуфиналистите. Во неа може да се види соодносот на ударните напаѓачки игли на Баерн, Ливерпул и на Рома со ѕвездата на Реал Мадрид, Кристијано Роналдо.
ГОЛОВИ: Тука доминантен е Роналдо, кој сезонава постигна 15 гола, следува Мохамед Салах со 10. Роналдо во просек погодува на секои 60 минути.
НАЧИН: Во анализата за начинот на постигнување на головите предничи Салах со тоа што девет од десетте гола ги постигнал со лева нога. Роналдо две третини од головите (10) ги постигнал со десната нога, три со левата и два со глава. Џеко, пак, трипати погодил со левата, два со десната и еден со главата, додека, пак, Левандовски до полуфиналето ниту еден гол не постигнал со глава.
ПРОЦЕНТ: Левандовски е најслаб и кога е во прашање процентот на реализирани удари кон гол. Кај него во просек секој седми удар завршува во голот, а на другите им требаат помеѓу четири до пет обида за да ја затресат мрежата. Роналдо има најмногу упатени удари кон голот и со тоа и најмногу реализации.
БРЗИНА: На четворицата УЕФА им ја измерила и најголемата брзина при спринт на теренот. Најбрз бил Салах со 33 км/ч, зад него е Џеко со брзина од 32 км/ч, најголемата брзина на Роналдо е 31 км/ч, а Левандовски трчал со 29 км/ч.