Партиите се борат за власта и за привилегиите што доаѓаат од неа, додека граѓанските иницијативи во Србија сакаат да го сменат системот на владеење и одбиваат да влезат во политичка коалиција
Здруженијата за граѓанските иницијативи одбиваат да соработуваат со партиите во Србија, затоа што тие дејствуваат на политичкиот простор на кој повеќе не постојат луѓе што можат да ги мобилизираат избирачите, затоа што кај народот постои големо разочарување од традиционалните партии, вели Бобан Стојановиќ, докторанд на Факултетот за политички науки.
Гласачите сосема поинаку пристапуваат во организациите што се занимаваат со граѓански активизам, отколку во структурите, кои макар малку потсетуваат на партија. Иницијаторите на голем број граѓански активности, кои настануваат во цела Србија, всушност се граѓани на кои им е преку глава од сегашната политичка состојба и кои се обидуваат да направат нешто за својот град. Граѓанските иницијативи можат на улица да соберат повеќе луѓе отколку која било партија од опозицијата, појаснува тој во разговор за „Данас“.
– Граѓанските иницијативи својата сила дефинитивно ја црпат од фактот дека на луѓето им е доволно од истите лица во политиката и партиите, кои многупати ги разочарале. Суштината во дејствувањето на иницијативите е што тие настануваат на некои локални теми, а тие се предводени од луѓе што зад себе немаат опашка од политичкото минато. Меѓутоа, граѓанските иницијативи шансата за успех ја имаат на локално ниво, додека здружувањето на ниво на републиката е малку веројатно, затоа што тешко е меѓусебно да се усогласат за државните прашања – објаснува Стојановиќ.
Радомир Лазовиќ од иницијативата „Не да(в)мо Београд“, за тоа дали граѓанските иницијативи и политички партии се меѓу себе конкуренција, одговара потврдно кога станува збор за изборниот процес. Но за иницијативите вонинституционалното дејствување е поважно, и затоа тие не ја трчаат истата трка. Тој објаснува дека неговата иницијатива немаше да се јави ако партиите го бранеа јавниот интерес, а не само својот и интересите на мали групи. Партиите во основа се коруптивни и нетранспарентни и затоа ја изгубија довербата од граѓаните.
– Ние не сме среќни затоа што традиционалните партии ја изгубија довербата кај граѓаните. Ние бевме принудени да се вклучиме во планирањето на градот и да ја спречиме неговата деградација, бидејќи никој не се занимаваше со тоа. Таа саморегулација подразбира и трагање по нови начини на политичко организирање, која нема да нѐ однесе на исто место во кои се најдоа партиите денеска. Со партиите е можна соработка во уривањето на криминалната власт и за фер изборни услови, но нема да учествуваме во коалиција – вели Лазовиќ за „Данас“.
Претставникот на Локалниот фронт од Краљево, Предраг Воштиниќ, смета дека граѓанските иницијативи и партии не се конкуренција едни на други, затоа што партиите се борат за власта и за привилегиите што доаѓаат од неа, додека иницијативите сакаат да го сменат системот на владеење.
– Нашата цел не е да се сменат неспособните кадри со други, туку да се сменат заедно со условите во кои некои други не ќе може да ги прават истите работи. Локалниот фронт може да соработува со слични движења, затоа што сите не се исти, исто како што сите партии не се еднакво одговорни за лошите услови во кои живеат повеќето граѓани во Србија – вели Воштиниќ.
Таканаречените лидери се однесуваат како единствено тие да имаат право и знаење да се занимаваат со политика, забележува тој.
– Не можеме да направиме подобро општество ако чекаме овие на власт да им досадат на мнозинството граѓани. Тоа никогаш нема да се случи. Општеството се менува кон подобро со секојдневна борба. Тоа што опозициски ориентираните граѓани не им веруваат на партиите не е преголем потенцијал за нашите иницијативи. Кај граѓаните мошне се уништени довербата и верувањето дека е можно во политичкиот живот да се учествува чесно и доследно. Дополнително би ги обесхрабриле граѓаните ако би влегле во некоја коалиција со партиите од опозицијата – нагласува Воштиниќ.
Милош Бошковиќ од иницијативата „Не го даваме нишкиот аеродром“ смета дека би било подобро кога самоорганизираните граѓани и партии соработуваат, но поради отпорот на граѓаните кон партиите, секое заедничко дејствување би се сметало за нечесно. Тоа е клучен проблем за лошиот имиџ на партиите од опозицијата, кој може да се пренесе на оној што во политичкото дејствување пристапува искрено и со чесни намери.
– Ние нема да се појавиме на идните избори, но некои сегашни членови веројатно во идниот период би се активирале и политички – вели тој.