Во однос на тоа дали децата од селските и од градските средини можат еднакво да бидат успешни и општествено признаени, тоа секогаш е индивидуална работа и зависи исклучиво од поединецот, вели Димкоски

Децата се деца и во село и во град, само треба да им дозволиме да истражуваат

Децата се деца, без разлика на тоа каде ќе се родат и каде ќе растат. Но семејните и општествените околности во многу голема мера влијаат врз нивниот натамошен психички, физички и емотивен развој. За жал, образовниот систем, но и општественото уредување, ги учи децата на многу работи, освен на оние што се важни.
Така, без разлика дали се родени и растат в град или в село, децата на училиште не учат за производството на храна, за тоа дека почвата е жив систем (напротив, ја изучуваат како дел од мртвата природа), а зборчето природа за нив означува име на наставен предмет.
Децата на село имаат само можност многу подобро да се запознаат со природата како единствен извор на вистината за животот, но тоа е само можност. Прво, многу од родителите не се доволно освестени за благодатите што ги носат селото и работата со земјата, ниту пак нивното земјоделство е во дослух со природните закони. Оттука почнува еден голем проблем. На еден, на друг или на трет начин, се инсистира децата да се „спасат“ од селото, да го напуштат и да не се занимаваат со земјоделство, сточарство…
Во нашите средини срамота е да се каже дека си од село, дека живееш на село или дека се занимаваш со дејностите што се најзастапени во селските средини. Во однос на тоа дали децата од селските и од градските средини можат еднакво да бидат успешни и општествено признаени, сметам дека на крајот на краиштата тоа секогаш е индивидуална работа. Зависи исклучиво од поединецот.

Конески го освои светот од Небрегово

Да не заборавиме дека великиот ни Блаже Конески е од селото Небрегово, па тоа не го спречи да дипломира, да магистрира, да докторира, да го основа МАНУ, да го основа УКИМ, како и ДПМ. Овој пример чинам дека е доволен, кога ќе се земе предвид и во кој историски период е роден, се школувал и дејствувал овој великан. И тоа не каде било, туку овде во Македонија. УНЕСКО го чествува истиот тој Блаже Конески од Небрегово, а признаен е од целиот свет.
Ако се сменат родителскиот и учителскиот пристап, ако на децата им бидеме пример на луѓе што со љубов работат на нивата, во шталата и во градината, децата ќе го сменат светогледот и со поинакви очи ќе го гледаат своето родно село. Не како место од кое треба да се избега, туку како свето место, опкружено со богат пејзаж, со вода и со плодни ниви, место што го раѓа лебот, место каде што чесно се заработува и среќно се живее во единство со природата.
Многу е подобро наместо целиот ден да се помине во затворен простор, дел до времето да се помине во градината, на нивата или во трлото. Да се скопа, да се навади, да се насади, да се измолзат овците, да се соберат јајца. Тоа се вистинските вредности, здравите навики и важните вештини. Тоа е основата за живот и за егзистенција. Сѐ друго е украс. Ако немате вода, не е важно дали имате пластична, стаклена или кристална чаша.

Зошто да се остане в село? Зарем не сте помислиле дека штом сте се родиле на едно место, веројатно универзумот имал таква желба? Не, не велам да не се проба, да не се отиде, да не се прошета некаде, да не се остане некаде на пократок или на подолг период. Но онаму каде што сме се родиле, секогаш се чувствуваме најсакано, најсигурно и најспособно, затоа што сме заштитени со топлина и тука ја градиме нашата самодоверба. Зошто да не се потрудиме наместо да гледаме далеку, да погледнеме длабоко? Зошто да не ги спознаеме сите убавини и моќи што ги има нашата животна средина?

Привилегија е да произведеш сопствена храна

Ако едно дете е родено в село, има можност да открие многу причини зошто својот живот треба да го развива токму во селото и да биде свесно дека токму во селото има многу нешта, за кои некој друг копнее да ги има, но му се недостижни. Има ли поголема привилегија од тоа да се има можност да се произведе сопствена храна? Таа можност ја има широкиот селски двор, но не и тесниот бетониран балкон на тринаесетти кат во некоја зграда во градот. Ниту воздухот ниту водата во градот и во селото не се исти. Селото ни дава можност да сме поблиску до природата да ја спознаеме и да ја чувствуваме, а со тоа да се научиме човечно да се однесуваме кон неа. Селото не е оптоварено со сообраќаен метеж, со стресот што го носи градското живеење, земјата дава безгранична слобода и ни овозможува да трансформираме и да дејствуваме во согласност со природата. Физичката работа создава физички здрави луѓе, а мирот носи психичка и емотивна стабилност. Но сево ова ќе се изгуби и во селото, доколку со неговите жители преовладеат лакомоста и желбата за финансиска моќ, на штета на сопствениот спокоен живот и на штета на животната средина.
Во свет во кој се војува, во свет во кој се гладува и во свет во кој цената на храната постојано расте, а притоа за висока цена се добива храна со сомнително потекло и со лош квалитет, револуцијата започнува со мотика, а не со пушка. Токму затоа децата на село се потенцијалните херои што со мотика можат да ги извојуваат слободната и среќната иднина на човештвото.


Се скршило, се скршило

Кирил ги одра коленцата играјќи
се затрча и на бетонот трасна,
е ако де, паднал паднал
со паѓање децата растат.

Лиле ја скрши стаклената вазна
со топката фрли и вазната падна,
е ако де, се скршила, се скршила
нека ни е здрава, ќерката мила.

Алек ја извалка шарената блузичка
наместо тој, блузата храната ја лапна
е ако де, не е поважна од детето,
па ако сака нека е дури и златна.

Сѐ се купува, се шие, се пере, се прави
само децата нека се весели и здрави!

Автор на трите објавени песни е Филип Димкоски


Оглас за среќа

Се расчул насекаде меѓу
луѓето глас,
заради еден чудесен,
необичен оглас
наградна игра во дневен
весник,
а наградите
– вредни и интересни.

Кој најмногу гнезда
од ластовички
ќе изброи на куќната стреа
редум
ќе добие огромни вреќи
со пченица
не двапати, туку трипати
по седум.
Добриот домаќин-пријател
за ластовичките
ем добива пченица,
повеќе од една воденица,
ем денови со песна
и цвркот исполнети цели
и многу, многу среќа
што со сите ќе ја дели.


Клупа за баби и внуци

Во центарот на градот
околу пладне во паркот
на клупа си седна
да чита книга Дарко.
До него некое време
една клупа стоеше празна,
а потоа дојдоа баба и внук
и заеднички читаа сказна.
Кога тие си заминаа
многу луѓе поминаа,
но сите таа клупа,
иако празна, ја одминаа.
По еден час време
пак седнаа баба и внуче
и додека бабата дреме
детето игра со своето куче.
Тркна Дарко до дома
да си ја покани баба Неда
заедно да отидат во паркот
на клупата за баби и внуци да седат.