Албанија треба да се пресмета со носителите на криминалот и корупцијата пред да почне со преговори за членство во ЕУ. Оваа оцена ја изнесе амбасадорката на ЕУ во Тирана, Романа Влахутин. Таа во интервју за албанската национална телевизија ТВШ рече дека ЕУ очекува апсење на „големите риби“ пред јуни.
Албанските медиуми оценуваат дека по добиената препорака за преговори за членство во ЕУ, неопходно е официјална Тирана да почне со пресметка со организаторите на криминалот и корупцијата. Аналитичарите во медиумите тврдат дека нив ги има во редовите на власта и опозицијата.
Владата на Еди Рама презеде активности за спроведување на т.н. „ветинг“ во судството и полицијата, што значи пресметка со лицата што се замешани во криминал и корупција, а наскоро најави и пресметка со лицата што се ангажирани во политиката. Медиумите, покрај другото, пренесуваат дека во корупција и криминал се замешани и премиери и министри на сите досегашни влади на Албанија.