Фото: Игор Бансколиев

Пред седумдесет и четири години, АСНОМ донел решение за создавање суд за судење престапи „против македонската национална чест“, за што била предвидена најстрога казна. Меѓутоа, се чини, најголема казна за оние што се против „македонската национална свест“, сепак, е меморијата на народот. Во македонската духовна ризница се зачувани голем број преданија и песни што за навек ги жигосуваат предавниците

Блаже Миневски

Редица политичари, правници и експерти тврдат дека тоа што светот веќе нѐ идентификува како „северномакедонци“, а не како Македонци, е „тоа што го прифативме, а сега излезе на виделина. Ако некој мислеше дека може да се спречи придавката северномакедонски, дебело се измамил. Ова е трајно, за навек!“ Ако е така, а многумина истакнати правници тврдат дека е така, тогаш овој чин на бришење на сопствениот народ не може да се нарече никако поинаку освен предавство, односно велепредавство за кое еден ден некој ќе мора да одговара.

Упорноста на македонските кодоши

Мотивот предавство во македонскиот фолклор се среќава уште во записите на Марко Цепенков, поточно во две песни забележани од големиот собирач на македонското народно творештво. Песните се појаснети со негова „Белешка за војводитe“, со список на прилепски и кичевски војводи и комити што дејствувале во времето од 1878 до 1894 година. Во песната „Коне војвода Павлески и неговата дружина“ е даден историски вистинитиот опис за тоа како војводата Коне ѝ бил предаден на турската потера. Според песната, предавството го извршил Илија Педа, епитроп на манастирот „Свети Архангел Михаил“ во Варош. Го поканил војводата со четата да оди во манастирот на вечера, а во меѓувреме го известил уќуматот дека ќе дојдат комити, па да ги „фатат живи и да ги истепаат“. Втората песна е песната за „Диме Чакре, прилепски војвода“, мошне интересна по содржина и по описите на одделни нејзини епизоди. Во истражувањето на проф. д-р Кирил Пенушлиски, истакнат македонски фолклорист, основоположник на оваа наука во Македонија, кој почина пред петнаесет години во Скопје, стои дека предавството како мотив во нашите револуционерни песни е еден од најпрепознатливите белези на македонската фолклорна традиција. Но да се вратиме на песната за војводата Диме Чакре, која недвосмислено ја потврдува упорноста на македонските кодоши по секоја цена да ја извршат својата предавничка мисија. Имено, кодошот Крапче ги предал војводата и комитите навреме и по пропис, но прилепскиот кајмакам не се согласил да испрати потера затоа што било празник, поточно Велигден. И во таква ситуација, значи на празник, македонскиот предавник Крапче од Прилеп не само што не се повлекол туку остро му се заканил на кајмакамот: „Јас телеграф ќе удрам на пашата во Битола!“ Преплашен да не ги изгуби позицијата и доходовната фотелја, кајмакамот бил принуден да издаде заповед да се тргне по комитите. Војската успеала да ја опколи четата на Чакре, тој ги повикал своите комити да се бијат јуначки, а бидејќи власта не успеала да ги победи, ги запалила куќите во кои се наоѓале. Значи, Крапче си ја завршил работата како што му прилега на предавник како него. Без разлика што било празник, кој го почитувал дури и кајмакамот!

„Граѓани са се скарале, на партии са делени, парите са ги изеле!“

Во зборникот на Панчо Михајлов, поет и војвода, меѓу 67 песни се наоѓаат и пет песни со мотивот предавство. Во песната за Мише Развигоров е опеана херојската смрт на овој штипски војвода. На патот кон Штип, Мише бил предупреден од Ефрем од селото Сушево: „Не влевај Мише у градо/ граѓани са се скарале/ на партии са делени/ парите са ги изеле/ Мише, ќе ми те предадат!“ Војводата не го послушал советот, влегол во градот и веднаш бил поткажан на Турците. Опколен во куќата што војниците ја запалиле, тој сепак не се предал, туку жив изгорел. Во песната „Леонид војвода и јунакот Томе“, пак, војводата побарал од Томе да му донесе вечера надвор од селото. Потоа, откако за ова барање дознале „шпионите Визировци“, трчечкум го предале известувајќи дека „ќе иде ван од село/ преди с’нцето да зајде“. Турците го пречекале и го убиле. И во песната „Загинувањето на младиот Мирчо“ се истакнува дека војводата со дружината влегува во селата Војница, Краинци и во Извор, каде што фаќа и погубува двајца шпиони – „Дачо и Пенчо Котев шпионино“. Кога се вратил во селото С’лб, Мирчо со дружината бил предаден на Турците и убиен. И следната песна „Јованче Карасулски накажува шпион“ уште со насловот ги посочува темата и настанот. Дејството се одвива во гевгелиското село Лубница, во кое Јованче отишол во потрага по ошанските шпиони. Откако разбрал дека претходната ноќ Нико капидан и шпионите биле кај „Танче чорбаџија, тоа Танче Влао“, војводата отишол пред портите на чорбаџијата, а потоа песната завршува со стиховите: „Ајде бре момчиња, храбри виј јунаци/ право врвејте в Танчовата куќа/ и сичко си тамо под ножа турете!“ Сепак, од петте песни со мотивот предавство во зборникот на Панчо Михајлов-Чавдар, македонски револуционер, публицист, книжевник и еден од најзначајните интелектуалци во движењето, најинтересна е песната „Сестра издава брата си Арса“. Сестрата ги информирала Турците: „Ако го Арса барате/ в село е Подвис на гости/ на седум куќи кондисал/ кај Арса и кај Томета!“ Кога турската потера пристигнала во Подвис, започнала борбата, а песната на крајот завршува со стиховите: „Сестра си брата издала/ сестра си брата предала.“

„Тој го предаде Алексо за стоподесе ж’лтици!“

Десет песни во зборникот „Македонски народни песни“ на Коста Црнушанов се посветени на револуционери што загинале поради предавство! Песната „Заробувањето на Алексо Турунџе“ го опишува предавството на легендарниот војвода извршено од кодошот Митре Гинков: „Бог да убие шпионо/ шпионо Митрета Гинков/ шчо го предаде Алексо/ Алексо, страшен бунтовник/ тој го предаде Алексо/ за стоподесе ж’лтици…“ И војводата Марко Лерински загинал поради предавство: „Проклети биле чпиони/ Марка војвода предадоа“. Во песната, пак, „Не жаљај, мајко, зашчо јас ќе умрам“ на предавството му претходи предупредување од мајката: „Не оди Кире, по дејна/ ного шпиони има/ ќе ми те предадат!“ Песната завршува со зборовите на војводата: „Проклети да са, мајко,/ моите шпиони/ на часо ме видоја/ и ме предадоја…“ Во истражувањето на д-р Пенушлиски предавството како мотив е присутно и во песната за смртта на Гоце Делчев, во која се пее за „црната чума во Демир Капија.“ Во еден од стиховите на оваа песна се вели: „Пусти се црни шпиони/ Делчета ми го предадова“. И Даме Груев, најблискиот другар и соработник на Гоце Делчев, загинал предаден од македонски шпиони во малешевското село Русиново: „Бог да убие, наш’те душмани/ што предадоха славната чета/ славната чета, чуени војвода/ чуени војвода – Дамјан Груев!“ Познати се и песните за предавството на Георги Сугарев во мариовското село Паралово, но и предавството на Лазар Поптрајков предаден од Коте, кој му ја пресекол главата и му ја однел на грчкиот владика Каравангелис во Костур за „пендесет лири“ награда.

Во „секој род има изроди“!

„Зла коб постојано била надвисната над македонската национална борба за слобода. Неединството што се манифестирало уште во времето на Кресненското и Разловечкото востание продолжило да трае со уште поголем интензитет. Туѓите пропаганди најмногу придонесувале за меѓусебните идеолошки судири со трагични последици. Мотивот предавство во нашиот фолклор е потврда за македонската трагедија на братоубиствени пресметки. Народните пејачи што ги создавале револуционерните песни со мотивот предавство, предавниците секогаш ги осудувале со клетви и проклетства, откривајќи им на поколенијата дека во секој род има изроди“, запишал основоположникот на македонската фолклористика, проф. д-р Кирил Пенушлиски, во своето истражување за предавството како мотив во нашите револуционерни песни. Во секој случај, опеаните предавства, казнувани од народот со клетви и проклетства, повеќе од еден век потсетуваат на тоа дека во „секој род има изроди“, а во „Песната за Апостол Петков Ениџевардарски“, на пример, наоѓаме и потврда за тоа дека меѓу Македонците постојано бил присутен стравот од предавство. Кога Апостол војвода бил предупреден да не оди во селото Бојмица, затоа што таму го чекаат три пусии, а третата пусија се „клети шпиони“, тој одговара: „Не ми е страх, бе мој дружино/ мен не ми е страх от андартите/ нито ме е страх од џандарите/ нај мен ми е страх, бре моја дружино/ нај мен ме е страх од другарите/ с тија шо пија и заедно спија“.
По сѐ што се случи со Македонија во последниве година-две со оваа одродена власт, македонскиот народ денес како воопшто да не научи да се чува од своите, од оние што со нас „пијат и заедно спијат“.

Предавството како мотив е присутно и во песните за смртта на Гоце Делчев и на Даме Груев


 

 

Суд за дела „против македонската национална чест“

Пред седумдесет и четири години, на 31 март 1945 година, АСНОМ донел решение за создавање суд за судење престапи „против македонската национална чест“, за што била предвидена најстрога казна. Меѓутоа, се чини, најголема казна за оние што се против „македонската национална свест“, сепак, е меморијата на народот. Во македонската духовна ризница се зачувани голем број преданија и песни што за навек ги жигосуваат предавниците. Еден од таквите белези е песната за мариовското село Паралово, но и песната за егејското село Руља, родното место на предавникот Коте, потоа песните за селата Бојмица, Ениџевардарско, беровското село Русиново, гевгелиското село Лубница, кичевските села Подвис и Цер, велешкото село Извор, прилепското село Варош, а во некои песни се споменуваат и градови како Штип, во врска со предавството и убиството на војводата Мише Развигоров, потоа Кочани, Прилеп, Битола, Костур и други.
Во мугрите на 23 март 1906 година, кога војводата Ѓорѓи Сугарев стигнал во Паралово, веднаш сфатил дека е предаден, па се обидел да се извлече над манастирот. Гледајќи дека нема излез, Сугарев ги истрошил сите куршуми и со последниот се самоубил. Со него загинала целата чета од 21 комита. А потоа, можеби цел еден век, и покрај негирањето на селаните, во песната останало да пее „бог да ги бие шпиуните Параловци, Ѓорѓија што ми го предадоја“. Во слична песна, поврзана со убиството на војводата Христо Узунов, пролетта 1905 година, ставени се и селаните од Цер, иако предавството и овој пат најверојатно било извршено од истиот лигуш од Битола: „Бог да ги бие церани, церани многу кодоши…“ Предавството во македонската духовна меморија е еден од најголемите гревови воопшто!
Според Преспанскиот договор од 2018 година, пак, македонскиот народ е сведен на група луѓе што во домашни услови се забавуваат со својот јазик, фолклор и национална припадност. Ниту една институција надвор од својот дом не смеат да ја нарекуваат „македонска“, затоа што доушниците веднаш ќе ја информираат централата дека „северномакедонците“ го прекршуваат договорот потпишан со „пенкало со ташаци“, што би рекол архитектот на предавството со перче во вид на фрча. Ако на ова се додадат платформата за федерализација и уништување на унитарна Македонија од Тирана и договорот со Бугарија, заедно со изјавата на момчето со белег на челото дека сме „с’шти народ“ со Бугарите, тогаш, без сомнение, проектот е сосема јасен – уништување на македонскиот народ!