Екипата на битолски Пелистер

Ракометарите на Пелистер ја забележаа првата победа во разигрувањето за титулата, откако во мечот од 5-то коло славеа над Охрид со 32-29. Најефикасни во победничкиот состав беа Жарко Чуриќ со девет и Теимураз Орјоникидзе со седум гола.
Прв пораз во 5-то коло од плејофот доживеаја ракометарите на Металург, кои на гостувањето кај градскиот ривал Вардар беа високо поразени со 18-37.

Иван Чупиќ и Жоан Канелјас со по шест гола беа најпрецизни кај Вардар, а кај Металург четири гола даде Халил Јагањац. Ракометарите на Еурофарм ја забележаа третата победа во плејофот, откако на домашен терен беа супериорни во дуелот со Пролет победувајќи со 33-20. Гоце Ојлески со шест гола беше најпрецизен во победничкиот тим.
Значајни победи во борбата за опстанок во машката Суперлигата забележаа ракометарите на Прилеп, кои на домашен терен го надиграа Металург 2 со 36-27, и ракометарите на Вардар јуниор, кои беа подобри од Борец 23-18. 


Битола домаќин на Купот на Македонија

Спортската сала „Младост“ во Битола втора година едноподруго ќе биде домаќин на завршницата од ракометниот Куп на Македонија за мажи. Полуфиналните и финалниот меч ќе се играат на 18 и 19 мај.
За 26-от трофеј во Купот на Македонија ќе се борат Металург, Пелистер, Еурофарм Работник и Вардар, кој деновиве треба да го завери настапот на завршниот турнир преку одигрување на заостанатите четвртфинални мечеви од групата 1 со Металург 2, Борец и Металург Јуниор. Во текот на неделава треба да бидат одредени полуфиналните двојки.
Бранител на трофејот, наедно и најуспешен тим во ракометната куп-историјата е Вардар со 12-те трофеи. Пелистер и Металург по пет пати биле победници.