Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според експертите, една од најголемите грешки што ја прават сопствениците на кучиња се недоволната социјализација на кучињата и лошото воспитување, односно дресура

НЕКОИ РАСИ НА КУЧИЊА МОЖЕ ДА БИДАТ ПОТЕНЦИЈАЛНИ УБИЈЦИ ВО ДОМОТ

Чувањето кучиња како домашни миленици секогаш е добро, особено доколку во домот имате мали деца. Кучето е одлично друштво за детето, кое, пак, учи да расте заедно со него, да ги сака животните и да се научи на одговорност. Сепак, многу е важно која раса куче ќе одлучи семејството да чува во својот дом, особено ако желбите се претежно за оние кучиња што важат за поагресивни и темпераментни.
Несоодветниот избор на куче, но уште повеќе несоодветното воспитување на кучето може да го чини живот едно семејство, како што е случај во многу наврати каде што по напад од куче за жал некој починал. Токму затоа и дресерите на кучиња предупредуваат луѓето да бидат многу внимателни кога одбираат која раса на куче што ќе чуваат во својот дом, особено доколку во својот дом имаат мали деца.

ГОЛЕМ БРОЈ НЕСРЕЌНИ СЛУЧАИ

Целиот Балкан осамна во шок по несреќната случка што неодамна се случи во српскиот град Сента, кога две домашни кучиња ротфајлери искасаа четиригодишно дете, кое, за жал, не ги преживеа повредите.
Според информациите, целиот инцидент се случил кога во дворот дошол доставувач на пица, која мајката ја порачала за роденденот на детето. Мајката изјавила дека му кажала на момчето да ја затвори вратата, но во тој момент двете кучиња, кои биле затворени во боксови, се вознемириле, излегле од боксовите и го нападнале детето. Иако мајката се обидела да го спаси од кучињата, сепак не успеала да направи многу, со оглед на тоа што станува збор за доста моќни животни.
Мајката повикала брза помош, по што детето било пренесено во болница, но набрзо им подлегнало на повредите. Двете кучиња биле успани.
За жал, ова не е прв случај каде што куче напаѓа, сериозно повредува или усмртува деца.
Секојдневно во билтените што ги објавува Министерството за внатрешни работи има барем по еден инцидент во кој куче нападнало минувач.
Во јавноста е познат и случајот од почетокот на годинава, кога куче нападна три деца во скопската општина Аеродром. Децата беа пренесени во болница, а кучето беше заловено од екипи на јавното претпријатие „Лајка“.

ШТО ВЕЛАТ ПРОФЕСИОНАЛЦИТЕ

Според експертите, проблемот е во социјализацијата на кучето. Куче што живее одделено од семејството, надвор заврзано во бокс или на синџир, не е дел од семејството туку живее од милоста на сопственикот.
– Кучето е животно што е еден од најдобрите пријатели на човекот, кое е припитомено пред илјадници години. Луѓето во денешно време ги чуваат како миленици и во одгледувачници. Сѐ почесто во домашни услови се чуваат кучиња што имаат добар рефлекс, добар осет за мирис, оние силни кучиња што се користат во војските и во полициите. Ваквите моќни кучиња е потребно да се социјализираат, да се научат од бебиња, уште од најрана возраст, бидејќи секоја недела од растот на кучињата е важна – вели Габриел Стибел, меѓународен кинолошки судија.
Според него, социјализацијата е клучна, бидејќи кучето треба да биде во контакт и со други луѓе покрај домашните, со други животни, да се шета во паркови, каде што има сообраќај, за да се навикне на сите звуци и можни ситуации.
– Ако со него играат деца и други животни, кучето го осознава светот и не се плаши. Кучињата напаѓаат од страв, не од храброст. Напаѓаат кога мислат дека некој ќе им наштети. Ако едно куче е учено да биде чувар, не може да очекувате кога некој ќе влезе во дворот да не го нападне, бидејќи така е воспитано кучето. Тоа ќе си ја брани територијата, па затоа е неопходно да се постави табличка што ќе предупредува дека во дворот има куче – вели тој.
Според него, голема грешка е кога некои сопственици на кучиња велат дека милениците им се членови на семејството, а притоа кучињата живеат во бокс затворени во дворот.

– Тоа не се членови на семејството. Членови се кога седат со вас дома, каде што и вие го минувате времето. Член е кога кучето слободно шета. Кога кучето е во бокс, ја нема таа блискост со неговите сопственици. Тоа чека на милоста на сопственикот да биде пуштено – вели Стибел.
Токму затоа, според него, најважно е кога едно семејство одлучува да земе миленик, да биде свесно за неговите потреби и за тоа дали може да одговори на потребите на кучето.
Според Ефто Стојановски од Охрид, кој долги години работи како дресер на кучиња, доколку граѓаните сакаат да чуваат некоја од поопасните раси на кучиња, како што се питбул, ротфајлер или стафорд, законски би требало тие раси на кучиња да поминат низ одредена проверка од професионалци, кои би можеле да проценат дали тоа куче е потенцијален напаѓач на деца и воопшто на луѓе.
– Според мене, проблемот е во едукацијата на кучињата и во начинот на кој тие се дресираат. Самиот начин на дресура е погрешен не само кај нас туку во цела Европа, па и во светот – вели Стојановски.

[email protected]