Новата арена на шампионот во кошаркарската НБА, со плоштад, апартмани, продавници, кујни…, ќе чини 1,4 милијарда долари и треба да биде готова до почетокот на сезоната 2019/2020
Трендот на изградба на скапи, ултрамодерни спортски, мултифункционални објекти, не престанува. Неодамна во северниот дел на Лондон фудбалскиот премиерлигаш Тотенхем го отвори прекрасниот фудбалски стадион со капацитет од 62.062 места, чија изградба чинеше над една милијарда фунти.
Во САД, пак, во медиумите во фокусот на вниманието е новата арена на НБА-шампионот, Голден стејт вориорс (47 години настапува во блискиот Окланд) во Сан Франциско. Новата арена со име „Чејс центар“ или како што некои ја нарекоа најубавата спортска арена во САД и во светот, ќе чини 1,4 милијарда долари и треба да биде готова до почетокот на сезоната 2019/2020, во ноември. Таа ќе биде со капацитет од 18.080 места (18.500 за концерти), а веќе има 44.000 лица на листата на чекање за сезонски билети.
Самофинансираната арена (од приватни клупски извори) располага со два влеза, со огромен надворешен видеоекран на предниот влез, со плоштад на отворено, 29 продавници и ресторани, како и девет кујни што ќе ја сервисираат арената. Објектот, кој од задниот дел гледа кон заливот на Сан Франциско, треба да го поттикне облагородувањето на блискиот парк на површина од 5,5 хектари, најголемиот што ќе се гради во Сан Франциско последниве децении.
На североисточната страна треба да биде хотелот, а на врвот е балконот со простор за најразлични настани, кој нуди поглед кон познатиот мост Голден гејт, кон заливот и кон Окланд. Во арената нема да се играат хокеарски натпревари од НХЛ-лигата поради што драстично е променет дизајнот. Кога „воините“ ќе немаат натпревари, во арената ќе може да се постави ѕид и да се приспособи за помали театарски настани со посебен влез. Во голем дел од „Чејс центарот“ има и апартмани со дневна соба, бар и седишта, наменети за елитните гости од Силиконската долина. Таа идеја е „позајмена“ од „Медисон Сквер Гарден“ во Њујорк, каде што апартманите се всушност на ниво на салата (паркетот) и под трибините. Внатре во апартманите ќе има видеоѕидови на кои ќе се емитува натпреварот, бидејќи гостите ќе немаат вистински поглед кон теренот.