Над 750 деца поделени во 47 тима од школите на академијата на Металург од денеска ја почнуваат 13-та сезона на мини-лигата, низ која во минатото поминаа голем број подоцнежни првотимци и репрезентативци
Салата „Автокоманда“ во Скопје 13-ти пат ќе ги собере најмладите членови на ракометната академија Металург, идни големи ракометни имиња, кои со мечевите од првото и од второто коло ќе ја почнат 13-та сезона од мини-лигата на Металург. По моделот на претходните три години, така и годинава, лигата ќе биде поделена на две групи, исток и запад, така што најдобрите екипи од двете групи на крајот на сезоната ќе играат фајналфор-турнири по генерации и по пол.
Во западната група сезонава, во Скопје, ќе се натпреваруваат повеќе од 450 деца поделени во 29 екипи од школите од Скопје, Прилеп, Кавадарци и од Кичево. Во источната група, пак, во Кочани ќе се натпреваруваат околу 300 деца поделени во 18 екипи од дисперзираните школи на Металург во Кочани, Македонска Каменица, Крива Паланка, Берово, Виница и во Пробиштип.
Момчињата и девојчињата од генерациите 2004/2005 и 2006/2007 ќе играат голем ракомет, малите ракометарчиња од генерациите родени во 2008 година и помлади ќе играат мини-ракомет.
Во првите два натпреварувачки дена во западната група ќе се одиграат 26 натпревари, а во источната група ќе се одиграат само натпреварите од првото коло (девет).
Во изминатите 12 сезони како плод на работата на ракометната академија и мини-лигата на Металург излегоа голем број ракометари, кои го бранеле или денес ги бранат боите на првата и на втората машка и женска екипа на Металург, потоа во младинските, кадетските и пионерските екипи на Металург, како и во младинските и сениорските национални тимови на Македонија. Низ ракометната академија на Металург и мечевите во мини-лигата поминале и повеќе актуелни младински и сениорски репрезентативци на Македонија, од актуелниот состав на Металург Мартин Томовски, Димитар Димитриоски, Милан Лазаревски, Марио Танкоски, Мице Шилегов, Мартин Серафимов, Никола Данаиловски, Бојан и Борјан Маџовски… и многу други имиња за кои допрва ќе се слуша и пишува, бидејќи во Металург секојдневно никнува понекоја нова ракометна фиданка.