На поранешниот министер за внатрешни работи на Албанија, Саимир Тахири, му е одреден куќен притвор, соопшти обвинителството во Тирана. Тахири веќе седум месеци е под истрага за наводна вмешаност во шверцување дрога и корупција. Доколку биде осуден, му се заканува казна од 15 години затвор, пишува АП.
Обвинителството бараше да му се одреди притвор на Тахири, но судот одлучи да одреди домашен притвор, соопштија од канцеларијата на јавниот обвинител.
Американската амбасада во Албанија ја поздрави одлуката за домашен притвор на Тахири, наведувајќи дека овој важен случај за корупцијата ќе биде решен чесно и транспарентно.

Тахири беше министер за внатрешни работи од 2013 до 2017 година, а минатата недела поднесе оставка од пратеничката функција.
Албанската полиција вчера соопшти дека, во соработка со Обвинителството за тешки кривични дела, разбила меѓународен синџир за трговија со кокаин, хероин и марихуана во западноевропските земји.
Според полицијата, уапсени се 13 Албанци, а петмина од групата се веќе в затвор, од кои четворица во Турција и еден во Македонија. Водач на групата бил Мет Канани (56) од Фиер, познат како Албански Ескобар, кој се наоѓа в затвор во Турција.
Уапсените се на возраст од 23 до 58 години.

Оваа криминална група се сомничи дека во последните две години прошверцувала осум тони марихуана произведена во Албанија, која била запленета во Грција, Македонија, Италија и во Турција, како и хероин шверцуван од Турција и кокаин од Јужна Америка, кои преку Албанија завршувале на наркопазарот во западноевропските земји.
Хероинот „патувал“ на релацијата Турција – Грција – земјите на ЕУ, како и Турција – Македонија – Албанија – земјите на ЕУ.
Обвинителката Елисавета Имерај изјави дека во текот на истрагата биле разменувани информации со властите на Турција, Македонија, Грција и Италија и со посредство на ДЕА и СЕЛЕЦ.