Рејтингот на СДП, главната опозициска партија во Хрватска, првпат откако се спроведува истражувањето „КроЕлекто“, е повисок од рејтингот на владејачката ХДЗ. Доколку идната недела бидат спроведени парламентарни избори за СДП би гласале 23,32 отсто, а за партијата на актуелниот премиер Андреј Пленковиќ се изјасниле 21,20 отсто од граѓаните.

Најновите резултати од анкетите за довербата на граѓаните во политичките партии се поклопуваат со најавите за реконструкција во Владата на Хрватска од која веќе поднесе оставка Горан Мариќ, министерот за државен имот. Домашните медиуми пишуваат дека Пленковиќ одлучил да направи поголемо проветрување во неговиот министерски кабинет

– Од почетокот беше замислено да се направи широка реконструкција, која нема да заврши со две или три имиња. Ќе заминат и министри што досега не се во фокусот на јавноста, а за кои медиумите пишуваат дека се вклучени во некои незаконски работи – вели близок соработник на премиерот Пленковиќ.

Актуелната состојба во ХДЗ не е идеална, поради длабоката поделба на повеќе фракции, а причината е незадоволството од начинот на кој се води партијата. Постојат обвинувања и дека лидерот на партијата, Андреј Пленковиќ, се обидува да се дистанцира од приврзаниците на крајната десница.


Локализиран пожарот на Паг

Околу 10.000 лица биле евакуирани по избувнувањето голем пожар на хрватскиот остров Паг, соопштуваат локалните медиуми. Огинот се запалил вчера околу еден часот по полноќ, во боровата шума на плажата Зрќе, кај градот Новаља.
Огнената стихија вчера била ставена под контрола. Како што пренесуваат хрватските портали, отежнувачка околност бил силниот ветер што дополнително го разгорувал и го разнесувал огинот. Во операцијата за гаснење биле вклучени три авиони и голем број пожарникари.