Разграничувањето меѓу Србија и Косово, по долгото затишје, повторно е ставено на преговарачка маса, а конечното решение за спорот меѓу Белград и Приштина ќе зависи од низа фактори чиј расплет се очекува во наредните неколку месеци. Минатата недела од претставници на косовските власти пристигнаа најновите сигнали за можен сериозен пресврт во ставот за прашањето за промена на границите. Изјавата на косовскиот премиер Рамуш Харадинај за тоа дека „нема независност без тие да се откажат од делот на косовската територија“, помина мошне незабележано во јавноста. Колку и да се мали, овие чекори, се во контекст на жестоката агитација за „корекција на границите“, за што се залага косовскиот претседател Хашим Тачи, се констатира во текстот објавен во „Блиц“.

1. Состојбата во Приштина
Потенцијалниот договор ќе зависи од решавањето на конфликтот на релацијата Тачи – Харадинај. Изјавата на косовскиот премиер со која првпат признава дека решението преку разграничување има добра меѓународна „заднина“, на што тој сериозно се спротивставува. Харадинај е свесен дека при евентуален договор со Белград, тој излегува од натамошната игра и затоа презема агресивни потези и на нетипичен начин влегува во конфликт со меѓународната заедница околу воведувањето на царинските давачки за српските производи.

Неговата цел е да ја капитализира популарноста што е стекната на антисрпскиот став и преку предизвикување пад на актуелната владејачка коалиција и на избори да ја зголеми својата едноцифрена поддршка кај гласачите. Таквиот расплет би значел и свртување од политиката за наоѓање разумен договор. Но и неговиот политички противник, Хашим Тачи, има свој адут во ракавот, со реконструкција на Владата и смена на премиерските позиции.

2. Избори во Брисел, Белград и во Приштина
Сосема е извесно дека изборите што би следувале во Србија, ЕУ и Косово ќе го блокираат дијалогот меѓу Белград и Приштина. Тоа значи дека просторот за наоѓање брзо решение е стеснет, а некој евентуален договор се најавува до мај годинава, кога се закажани европските избори. Во спротивно сѐ ќе се одложи на подолг период, посебно ако дојде до смена на власта во Приштина. За ЕУ е важно да се постигне решение до изборите, бидејќи е извесно дека во Брисел би имало поголемо учество на десните партии.

3. Улогата на САД
Поради ограничениот капацитет на влијание на ЕУ, подолго време се поставува сценографијата за вклучување на САД во дијалогот меѓу Србија и Косово. Актуелната администрација во Вашингтон оценува дека решението преку разграничување е идеална опција. Со промената на американскиот став кон Србија и инсистирањето Приштина да ја повлече одлуката за царините, Вашингтон првпат зазеде неутрален став меѓу двете страни и станува прифатлив посредник во дијалогот, пишува „Блиц“.

4. Случувањата на терен, Газивода, Прешевска Долина
Од приштинска страна на теренот се влечат практични чекори за фактичко заземање делови од територијата, кои имаат економско значење, а посебно на делови на северот на Косово. Во тек е проектот за одземање и на Северна Митровица и инсистирањето на албанската страна да ги контролира стратегиските точки, односно езерото Газивода и Трепча. Засега од однесувањето на приштинските власти видливи се три работи. Прво, Албанците со преземањето големи инфраструктурни проекти планираат да ги обединат Северна и Јужна Митровица и недвосмислено испраќаат сигнали дека се противат на разграничувањето во овој град, во кој живеат значителен број граѓани од српската заедница. Второ, во општината Зубин Поток, во која мнозинско е српското население, се наоѓа акумулацијата Газивода. Ни Белград, ни Приштина не изразија подготвеност да се разговара за контрола над езерото. Во ист контекст се гледа и на прашањето на статусот на рударско-металургискиот капацитет во Трепча. Трето, албанските политичари, особено Хашим Тачи, се обидуваат да разговараат и за припојување на делови од Прешевската Долина кон Косово, како компензација за северениот дел на Косово.

5. Формирање на ЗСО
На крајот, со претходните прашања е поврзан и предлогот за формирање заедница на српски општини, за што Приштина се противи да ја подготви потребната документација со која би се пренеле дел од извршните функции на локалната самоуправа. СЗО, според претходно постигнатата спогодба меѓу Белград и Приштина, би требало да ги собере општините со мнозинско српско население и да овозможи заедничко дејствување на Србите на Косово, пишува „Блиц“.


„Трепча“ со нов статут

Претседателот на одборот во Собранието на Србија за Косово и Метохија, Милован Дрецун, смета дека донесувањето на статутот за рударскиот комбинат „Трепча“ во Собранието на Косово претставува политичко и правно насилство.
Дрецун во изјава за РТС рече дека Србија ги има сите документи со кои може да ја докаже сопственоста над „Трепча“.
– Го одземаат она што е во сопственост на Србија. На нишан се „Газивода“ и комбинатот „Трепча“, кој вработува околу 3.000 луѓе. Со ова Приштина има можност да ја стопира работата и да го оневозможи опстанокот на српскиот народ – изјави Дрецун.
Претседателот на управниот одбор на Форумот за етнички односи, Душан Јањиќ, смета дека Србија не може многу да направи во врска со прашањето за „Трепча“, а мерките што можат да се преземат се во доменот на политиката и на дипломатијата.
– Интервенцијата на владата на Вучиќ се случи предоцна и е премногу политичка. Овде постои и одговорност од претходните влади на Војислав Коштуница и на Зоран Ѓинѓиќ, кои влегувањето во каква било расправа околу поделбата на имотот на Косово го видоа преку признавање на нејзината независност – изјави Јањиќ за агенцијата Бета.
Премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, изјави дека со усвојување на статутот на „Трепча“ е разбуден економскиот гигант на Косово.
– Ова е главен чекор што на комбинатот му дава сила за инвестирање и стабилни пригоди и вработувања – изјави Харадинај.