Роберто Парондо

Деветте гола предност во корист на црвено-црните (27-18), доволно говорат што всушност се случуваше на првиот осминафинален натпревар во ЛШ во Загреб

Ракометарите на Вардар се на чекор до пласман во четврт-финалето во Лигата на шампионите (ЛШ), по преубедливата победа на гости против Загреб со 27-18 (14-6), во првиот осминафинален натпревар. Деветте гола предност во корист на црвено-црните (беа и 11 во вториот дел, н.з.), доволно говорат што всушност се случуваше во саботната вечер во арената „Загреб“. Реванш-дуелот во Скопје (30 март) се очекува да биде само формалност.

– Им честитам на моите играчи, кои го одиграа перфектно овој меч. Знаевме што нѐ очекува во Загреб и затоа добро се подготвивме. Сѐ што се договоривме, ракометарите испочитуваа и затоа крајниот резултат е таков – кратко коментира вардаровиот тренер Роберто Парондо.

Вардар импресионираше со својата игра, доминирајќи во текот на двете полувремиња. Нападот беше стрплив и ефикасен, а одбраната непробоен бедем за домашните, кои немаа план за влез кон голот на извонредниот Дејан Милосављев. Хрватите го одиграа најслабото прво полувреме во годинешнава ЛШ со само шест постигнати гола, а ефикасноста во нападот во првите 25 минути изнесуваше изненадувачки 17 отсто! На крајот на средбата, Вардар имаше ефикасност во нападот од 60 отсто, а на шутот од 66 отсто, додека кај Загреб тоа изнесуваше 33, односно 35 отсто.

– Вардар заслужено нѐ победи. Сѐ на овој меч ни одеше во погрешен правец, го разбранивме Милосављев уште на почетокот, а во нападот немавме ни брзина ни проток на топки. Вардар едноставно знаеше да ги казни сите наши грешки и одигра совршено – разочарано рече тренерот на Загреб, Бранко Тамше.

Најефикасни кај вардарци беа Карачиќ и Кристопанс со по пет гола од шест обида, додека кај загрепчани, левото крило Давид Мандиќ со пет гола од седум обида. Милосављев, кој беше прогласен за играч на средбата, беше брилијантен со 15 успешни интервенции.

– Голема победа за нас. Имавме време да се подготвиме против Загреб и да одиграме цврсто во одбраната, а стрпливо во нападот. Беше уживање да се биде во Загреб оваа вечер – задоволно прокоментира голманот Милосављев.


Осминафинале, прв меч
Загреб – Вардар 18-27
Мешков – Фленсбург 28-30
Мотор – Киелце 33-33
Левен – Нант 34-32
Спортинг – Веспрем вчера
Висла – Сегед вчера