Претседателката на Собранието на Србија, Маја Гојковиќ, е убедена дека со информацијата што се подготвува пред пратениците ќе биде докажано дека бомбардирањето на НАТО со бомби со осиромашен ураниум има влијание на порастот со малигни заболувања кај граѓаните.
– Ние со расправата во Собранието укажуваме на потребата од формирање парламентарна комисија, која ќе има задача да ги истражи последиците од бомбардирањето во 1999 година на здравјето и животната средина со посебен осврт на употребата на проектилите со осиромашен ураниум – изјави Гојковиќ за РТС.
Како основа за ова истражување ќе се користи извештајот на парламентот на Италија, која како членка на НАТО учествуваше во нападите на Србија, а во кои е докажано дека италијанските војници што биле на овие простори заболувале или умирале од опасни болести, за што сведочат и многу податоци.
Според овие извештаи, околу 4.000 италијански војници заболеле од разни малигни заболувања, а околу 300 војници починале затоа што престојувале главно на територијата на Косово и Метохија, а кои немале никаква заштита за разлика од другите странски воени трупи.
– Ние имаме обврска кон граѓаните на Србија да им ја соопштиме вистината затоа што тоа е злосторство без преседан. Со употребата на осиромашен ураниум се казнуваат неколку следни генерации – вели Гојковиќ.