Детскиот културен центар „Карпош“ од 19 до 22 септември, по 28-ми пат, го организира меѓународниот детски фолклорен фестивал „Оро без граници 2019 – симбол на пријателството меѓу децата“.
Во четвртокот, во 18.30 часот, сите гости, тргнувајќи од ДКЦ „Карпош“, го почнаа фестивалското дефиле низ скопските улици, кое заврши на плоштадот „Македонија“.
Главниот настан официјално го отвори директорката на ДКЦ „Карпош“, Билјана Лалчевска Серафимовска. Фестивалската програма почна со најпознатите македонски игри и ора, кои ги изведоа членовите на игроорната секција од ДКЦ „Карпош“.
Во досегашното одржување на овој фестивал, градот Скопје и нашата земја биле домаќини на повеќе илјади странски и исто толку домашни деца-фолклористи.
Годинава на фестивалот учествуваа гости од Србија, Грција, Словачка и од Турција, а, покрај гостите од странство, учествуваа и македонски фолклорни ансамбли.
– Децата игроорци преку шареноликоста на костимите и оригиналноста во кореографските движења ги претставија традицијата и културата на својата земја и по 28-ми пат формираа едно големо „Оро без граници“ – велат организаторите.
Покрај официјалниот дел, на гостите им беа претставени атрактивни локации во Скопје: Зоолошката градина, Музејот на илузии, Старата скопска чаршија и други знаменитости.