Во Србобран, учениците од ОУ „Јован Јовановиќ-Змај“ и наставничката Снежана Станојев сакаа да научат што повеќе нови зборови на македонски јазик, а цвеќето што го добија на подарок од поетот го крстија Филипко
Банатскиот културен центар од Ново Милошево, Република Србија, во почетокот на месецов на српски јазик ја објави поетската книга за деца „Заедно да растеме“ од Филип Димкоски. Препевот го направи м-р Снежана Алексиќ-Станојловиќ, рецензент е Власта Н. Цениќ, илустрациите се на Александра Ацеска, дизајнот е на Сенка Влаховиќ, а уредник на изданието е Радован Влаховиќ.
Книгата што ги освои детските срца во Македонија наиде на одличен прием и кај најмладата српска читателска публика. Таа во текот на март беше претставена пред повеќе од шестотини ученици во неколку училишта во Нови Сад, Србобран, Сремски Карловци и Суботица, a беше промовирана и на Саемот на книгата во Нови Сад.
– Игравме, пеевме, погодувавме, учевме српски и македонски зборови, учевме да ја сакаме природата, да користиме убави зборови, да јадеме овошје и зеленчук и заедно да растеме. Научивме дека се расте од здрава храна, од цврст сон, од убави зборови и од љубов. Средбите со децата беа моменти на бескрајна среќа – со задоволство – ни раскажа Димкоски.
Во ОУ „Вељко Влаховиќ“ заедно со наставничката, поетеса и преведувачка Снежана Алексиќ Станојловиќ се одржа интерактивна средба, а на крајот учениците, наставниците и директорката Љубица Грубач засадија липа како спомен и споменик на српско-македонското пријателство, подарок од Филип во знак на љубов и долгогодишна соработка со ова училиште.
Дечињата од прво до петто одделение што беа дел од оваа средба ветија дека ќе ја чуваат липата и со нетрпение очекуваат да се појават нејзините први ливчиња и први цветови.
Во Суботица, пак, во населбата Палиќ, Филип го посети ОУ „Мирослав Антиќ“ во чест на Денот на училиштето. Со учениците од прво до четврто одделение и иницијаторот на средбата, наставничката и поетеса Дијана Ухерек Стевановиќ засади сина јаглика пред споменикот на големиот поет Мирослав Мика Антиќ, сина јаглика како сината ѕвезда од неговата песна.
Магични, чудесни и на свој начин посебни беа и средбите во другите градови. Во Србобран, учениците од ОУ „Јован Јовановиќ-Змај“ и наставничката Снежана Станојев сакаа да научат што повеќе нови зборови на македонски јазик, а цвеќето што го добија на подарок од поетот го крстија Филипко.
Во библиотеката на Сремски Карловци, промотивниот карван стигна токму на денот на роденденот од библиотекарката Сузана Сигети. Децата гости од градинката „Вини Пу“ не само што си играа и слушаа поезија туку и ги вкусија плодовите од овошната и зеленчуковата кошничка.
Инаку, книгата „Заедно да растеме“ минатата година од страна на Хрватското книжевно друштво беше наградена со наградата „книжевно перо“ за најдобра книга за деца во регионот.
Димкоски досега посетил триесетина училишта во Македонија, Србија и во Бугарија, а годинава во март и април во чест на поезијата, екологијата, пролетта и литературата за деца продолжува со посета и работилници во училиштата низ Македонија. Одржани се средби во ОУ „Дане Крапчев“ и во ПОУ „Иднина“ во Скопје, а на ред се средбите во Прилеп, Битола и други градови.
– Чувството дека вашата поезија е препознаена и прифатена од една многу специфична читателска публика, и не само во татковината туку и надвор, е навистина најголем успех и признание, а дека нешто добро сте направиле говори рефлексијата од читателите и слушателите. Мотивација и инспирација е чувството дека правите нешто добро и дека пренесувате некаква порака, имате некаква цел и мисија. Покрај тоа, интерпретирајќи, и јас учам и од децата, но и од сопствените песни – ни рече Филип Димкоски.
„Колибри“