Ако вашиот пес има повеќе килограми од дозволеното, тогаш ви е потребен план за вежбање

Вежбањето е многу важно за одржување на здравјето на кучињата. Со помош на вежбањето се одржува тонусот на мускулите и се намалува шансата да дојде до наталожување вишок килограми. Во просек секој пес треба да вежба околу 30 минути на ден. Погрешно е доколку мислите дека една прошетка во маало му е доволна на вашиот миленик. Една прошетка е доволна само во случај ако вашиот пес е мал. На поголемите кучиња им треба повеќе време посветено за вежбање. Ако вашиот пес има повеќе килограми од дозволеното, тогаш ви е потребен план за вежбање, кој ќе ви помогне да го ослободите кучето од вишокот наталожени маснотии што ги има на себе. За да ги намали песот килограмите ви требаат вежби со посилен интензитет. Еве неколку идеи.

Трчање со песот

Многу сопственици избираат во секојдневието на кучето да внесат трчање. Тоа е добро и за луѓето и за кучињата. Тоа е активност што може да се работи со кучето секој ден. Но, мора да го приспособите вашето темпо според способностите на кучето и да бидете сигурни дека времето што го трошите не го надминува потребното време за вежбање. Почнете со пократки периоди за трчање бидејќи не може веднаш да се почне со долги патеки.

Велосипедизам

Можете да го врзете вашето куче да трча покрај велосипедот додека возите. Бидете внимателни, јажето со кое кучето е врзано треба да биде лабаво. Мора да одберете и соодветна брзина на возење, така што вашето куче ќе може да ве следи. Алтернатива за возење велосипед е возење ролери, а кучето да трча исто така покрај вас.

Пливање

Пливањето е активност во која повеќето кучиња уживаат, но ако во близината немате базен или езеро вашето куче нема да може често да плива. Можете да купите детски базен на надувување и да го користите за вашето куче. Пливањето е одлична активност за оние кучиња што имаат проблем со зглобовите.

Планинарење

Ако обожавате да планинарите, понесете го со себе и вашиот пес. Планинарењето е комплексна вежба, затоа што на патот може да има многу препреки за скокање, кои кучињата обично ги сакаат. Носете вода, храна ако планирате да поминете подолго време на планина. Не е добро малите кучиња да ги носите на долги тури.

Лента за трчање

Ако времето не ви дозволува да го одведете вашето куче да се прошета или да трча, можете да му обезбедите лента за трчање, па да може да се раздвижува во домашни услови. Лентата за трчање може да му овозможи на кучето доволно време за вежбање. Научете како да управувате со лентата и дадете му време на животното да научи да трча на неа. Секогаш надгледувајте го додека вежба, бидејќи може да се повреди.