Фото: Игор Бансколиев

УШТЕ ПЕТ ДЕНА ДО ПОЧЕТОКОТ НА ПОПИСОТ

Најголемата статистичка операција, на неколку дена пред почетокот, се соочува со низа предизвици и дилеми од кои зависат текот и успешноста на пописот. Тоа, пред сѐ, се новиот силен бран на ширење на ковид-19, невакцинираните попишувачи и кампањата „Не отворај врата“, кои сериозно може да ја загрозат целата операција и на крајот да добиеме нецелосни и нерелевантни податоци

Пет дена пред почетокот на пописот, меѓу граѓаните и во јавноста и натаму владее голема неизвесност како здравствено и безбедносно ќе се спроведе веродостојна статистичка операција, од која ќе се добијат релевантни податоци важни за креирање на идните развојни политики, во услови кога пандемијата на ковид-19 не стивнува, а не се отстранети ниту претходните забелешки поврзани со пописот.

И натаму некои од попишувачите се невакцинирани, а во време кога делта-сојот галопира, тоа дополнително го зголемува стравот кај граѓаните за нивната безбедност.
Државниот завод за статистика во неможност и онака да обезбеди доволен број попишувачи се откажа од условот кандидатите за попишувачи да бидат вакцинирани, со што оние што не сакаат да примат невакцинирани попишувачи во својот дом добија повторно аргумент да не ги отворат вратите.

Последниве денови на социјалните мрежи се засилува кампањата „Не отворам врата“, која обединува граѓани што и претходно најавуваа дека нема да примаат попишувачи дома што не се вакцинирани од страв за своето здравје. Несомнено оваа кампања ќе допре до одреден број граѓани, кои се сериозно исплашени од вирусот, така што ако тие решат да не се попишат, постои опасност тоа да се одрази врз веродостојноста на пописните резултати, особено ако процентот на овие граѓани биде голем.
А токму стекнувањето вистинска слика за бројот на населението во земјава е главната причина заради која воопшто се одржуваат пописите, така што со евентуален бојкот на дел од граѓаните ќе се добијат нерелевантни резултати, ќе бидат потрошени огромни пари, а главната цел нема да биде постигната.

ДЗС, по првичното одложување на пописот во април, досега имаше доволно време да обезбеди вакцинирани попишувачи, па дури и да набави специјална заштитна опрема за попишувачите и со тоа дополнително да ги убеди оние граѓани што се исплашени и претпазливи во поглед на заштитата на нивното здравје дека пописот е безбеден и е според сите светски стандарди.

За граѓаните е несфатливо како досега не се најде решение да се отстранат сите можни ризици по здравјето на граѓаните и конечно да се одржи нормален попис во кој сите ќе учествуваат со масовен одзив и ќе се добијат веродостојни резултати.
– Не можам да разберам зошто повторно сега се оди со невакцинирани попишувачи, кога првично пописот се одложи за да се вакцинираат попишувачите и граѓаните да се чувствуваат малку побезбедно. Сега и револтот кај дел од населението е многу поголем, бидејќи на оние што не се вакцинирани им се брани да одат во молови, кафулиња, на настани и слично без сертификат за вакцинација, а од нив се бара дома да примаат попишувачи без сертификати и што не се вакцинирани. Тоа е нефер пристап на државата – вели Миле Николовски, приватен занаетчија.
Според него, имало доволно време во текот на летото да се отстранат сите забелешки што претходно ги имало.
– Само протоколите не се доволни. Имаше протоколи и за свадби, па видовме што се случи летово. Така ќе биде и со пописот – заклучува Николовски.
Некои од аналитичарите сметаат дека во согласност со сегашната епидемиолошка состојба, пописот најверојатно ќе биде откажан.

– Мое мислење е дека пописот нема ниту да започне. Со овој раст на бројките и со рестриктивните мерки што ги нудат, мислам дека пописот ќе започне и ќе се откаже затоа што ќе се потврдат некоординираност и неусогласеност во носењето на мерки. Повторно си играме држава со народни пари – вели Синиша Пекевски, аналитичар.
Тој додава дека ние сме целосно неподготвени за пописот, од недоволен број попишувачи, до недоволен број вакцинирани граѓани во согласност со, стандардите.
– Кога на една група граѓани им забрануваш слободно да се движат, да одат во молови и кафулиња затоа што не се вакцинирани, нормално е дека ќе го бојкотираат пописот и на крајот ќе се покаже целосно нерелевантен попис. Тоа уште еднаш само ќе ја покаже нашата неспособност за демократија и водење држава – нагласува Пекевски.

За поранешниот директор на ДЗС и добар познавач на пописните состојби Дончо Герасимовски, потребата пописот да се одржи е огромна и треба да се дејствува во таа насока.
– Потребата од попис е огромна и мораме да притискаме да има попис. Има многу политички игри што одат само на штета на државата. Ние и по препорака на Обединетите нации и на Евростат сме задолжени да направиме попис на 10 години – вели Герасимовски.

И тој не ја исклучува можноста повторно да се јават луѓе што ќе го проблематизираат пописот, но не очекува нивниот број да биде голем.
– Релевантноста на пописот ќе зависи од тоа дали ќе има целосен опфат, да се посети секоја куќа, секој стан, секое семејство, едноставно да биде опфатен секој човек. Лично не верувам дека ќе има бојкот од голем обем, бидејќи мислам дека партиските игри ќе прекинат, особено ако се има предвид дека станува збор за операција што се бара од меѓународни организации и асоцијации – појаснува Герасимовски.