По 3-то коло, шахистите на Македонија имаат две ремија и една победа и се на 14-то место, со 4 бода (6,5 по табли), додека шахистките со едно реми, два пораза и без победа се на 30-то место, со 1 бод (3,5 по табли)
Македонскиот интернационален шаховски мајстор (ИМ) и член на ШК Гамбит Асеко СЕЕ, Никола Николовски (2.424 рејтинг-поени), е единствениот што по три кола на 22. Европско екипно шаховско првенство (ЕП) во Батуми, Грузија (од 24 октомври до 2 ноември), на кое настапуваат 40 држави, има 100-отстотен успех. Играјќи на четвртата табла, тој успеа да победи тројца ВМ, Германецот Расмус Сван (2.592), Израелецот Виктор Михалевски (2.570) и Србинот Милан Жаја (2.477). Николовски (21), кој е рангиран на 166-то место, меѓу 198 шахисти, играјќи со просечна силина на противниците од 2.546 поени, освои и 19,9 рејтинг-поени. Од македонските шахисти, одличен е и ВМ Кирил Георгиев (2.577, рангиран 86-ти), кој има 2,5 поени од три можни (плус 13,4 рејтинг-поени), со просечна силина на ривалите од 2.659 поени. ВМ Трајко Недев и ИМ Филип Панчевски имаат по половина поен од две, односно три партии, додека ФМ Тони Лазов има еден пораз од една партија.
Македонија (просечен рејтинг 2.498 поени, рангирана на 29-то место на ЕП), во првите две кола одигра нерешено, 2-2 ,против посилните селекции Германија (2.641, рангирана 24-та) и Израел (2.635, рангиран 11-ти), а беше победена Србија (2.550, рангирана 24-та) со 2,5 поени, благодарение на победите на Георгиев и на Николовски и ремито на ИМ Филип Панчевски, против ВМ Александар Инѓиќ (2.638), ВМ Милан Жаиќ (2.477), односно ВМ Никола Седлак (2.557).
Сепак, ова не е најдобриот резултат на Македонија по три кола. Ист број екипни бода (4), две победи и еден пораз, беа остварени на ЕП во Пловдив 2003, односно на ЕП на Крит 2007, додека најмногу поединечни поени по табли (8,5) во Пловдив. Најслабиот резултат по три кола е токму во Батуми, но во 1999-та, со три екипни порази (а три поединечни поени).
Македонија моментно е на одличното 14-то место (11 места над стартното рангирање), со 4 бода (6,5 по табли). Во водство е Ерменија, со 6 екипни бода (9 поени по табли), пред Украина, исто така со 6 (8), односно Холандија, со 6 (7,5 поени по табли).
Шахистките на Македонија (1.986, рангирани на 31-то место) од 32 селекции, по двата почетни пораза од посилните Србија (2.300, рангирана 15-та) со 0,5-3,5 и Словенија (2.209, рангирана 25-та), со 1-3, во 3-то коло го забележаа првото реми (2-2) против Норвешка (2.019, рангирана на 28-то место), благодарение на победата на ЖИМ Габриела Коскоска (2.036) и ремијата на ЖФМ Моника Стојковска (2.108) и Бојана Бејатовиќ (2.004), додека Ивана Манова (1.795) загуби. Од Македонките, засега одлично игра Стојковска (рангирана 129-та од 159 шахистки), која има два поена (две ремија и една победа), со просечна силина на ривалките од 2.241 поен и освоени 20,4 рејтинг-поени. Бидејќи таа веќе го има потребниот број норми за женски интернационален мајстор, потребен ѝ е уште рејтинг од 2.200 поени за официјално да ја верификува титулата.
На табелата води Грузија со 6 поени (9,5 по табли), пред Русија со 6 (9) и Италија со 6 (8).