Таблица множење, спектар на бои колку што има букви во нашата азбука, приказ на кружното движење на водата, деловите на растението па дури и сите планети од Сончевиот Систем, огромен вулкан и прекрасна можност во секое време да си ги испробате вашите вештини во скок на далечина.
Сево ова можете да го видите во училишниот двор на општинското основно училиште „Страшо Пинџур“ во Кавадарци, каде што деновиве се одвиваа завршните работи на проектот насловен „Училница +“.
Најважно е што во оваа најнова училница на отворено имаат право да престојуваат сите ученици, неограничено да играат и да се едуцираат на еден необичен и непосреден начин. Додека се дружат и разговараат можат да ја учат или да се потсетат на таблицата множење, преку игра да ги учат боите истовремено со буквите, да ги научат сите делови на растението од корен до плод и за тоа каков е кружниот пат на водата. Навистина многу инвентивно од страна на вработените во оваа основно училиште, кое е најстаро во градот (започна со работа во учебната 1945/46 година) и кое овој месец беше избрано за домаќин на отворениот ден по граѓанско образование на темата „Мојот град и правата и обврските на децата“.
– Согледувајќи го фактот на современото образование, кое активно ги вклучува наставниците и учениците и истражувачката дејност во воспитно-образовниот процес заедно со стручниот тим на нашето училиште и наставниците од прво до деветто одделение, решивме да го реализираме овој проект за уредување и разубавување на нашиот училиштен двор. Се обидовме во овој проект да опфатиме дел од наставните содржини од прво до 9-то одделение, оние што пред сѐ се едукативни и кои ќе предизвикаат поттикнување нови знаења преку игра, слики и визуелни ефекти кај учениците. Со овој проект од една страна на наставниците им се овозможува да искористат современи методи и техники за учење, а на учениците ќе им биде даден поголем поттик на визуелно и искуствено интерактивно учење, кое ќе овозможи полесно да ги интегрираат пораките, знаењата и вештините. Содржините во проектот од наша страна се оценети како добри, лесни за примена, адекватни и применливи во практиката, а на тој начин ги вадиме учениците од онаа класична фронтална настава, која понекогаш знае да биде и здодевна – вели директорката на училиштето Илинка Бакева.
Според зборовите на директорката Бакева, сликите во училишниот двор се направени на начин каде што во една наставна содржина може да се интегрираат повеќе наставни предмети. Таа изразува голема благодарност до сите наставници што активно и несебично се вклучиле во проектот, а особено на наставничките по ликовно образование Ива Јосифова и Роза Атанасова, кои заеднички се потрудија да ја насликаат новата училница во училишниот двор и новата бина со сите годишни времиња.
Во сите училници и новонасликаниот училиштен двор од почетокот на учебната година за хигиената се грижат учениците од второ до деветто одделение, па и самите забележуваат дека откако тие се вклучени во собирањето на сметот училиштето е многу почисто, а учениците се многу повнимателни каде го фрлаат ѓубрето.
Вработените во ООУ „Страшо Пинџур“ не застануваат тука, туку напротив продолжуваат со нови проекти за подобрување и усовршување на наставниот процес, а училиштето да го направат попривлечно место за учениците.