На седум дена до вклучувањето на шаховските часовници на 20-то јубилејно Европско поединечно првенство (ЕП) во шах во Скопје, возбудувањата сѐ повеќе се зголемуваат, засега се пријавени вкупно 369 учесници (148 велемајстори) од 43 држави. Шахистите ќе играат за награден фонд од 100.000 евра (победникот ќе добие 20.000 евра). Боите на Македонија, засега ќе ги бранат 23 шахисти, од кои само двајца велемајстори, Кирил Георгиев (рангиран пред ЕП на 76-то место) и Александар Чоловиќ (на 182-то место).

Кирил Георгиев

Од досегашните 19 ЕП македонски шахисти настапиле на девет, најмногу играле во 2001 година во Охрид (21), како и на ЕП 2008 во Пловдив (седуммина). На претходните шест ЕП учествувал само еден македонски претставник и тоа ФМ Роберт Велески, во 2016-та. Најголемиот успех што еден македонски шахист го постигнал на ЕП е четвртото место (8,5 поени) на натурализираниот Македонец со бугарско потекло, ВМ Кирил Георгиев и тоа во Силиври (Турција) во 2003 година. Најмногу настапи за Македонија на ЕП има ВМ Трајко Недев, вкупно пет, а 19 шахисти играле само на едно ЕП.

Новиот шампион ќе биде познат по 11 кола. Свеченото отворање е в недела (19 ч.), а партиите од првото коло треба да почнат в понеделник, во 15 ч. Досега никој не се искачил двапати на европскиот трон, а титулата од лани ја брани Иван Шариќ од Хрватска. 


Македонски шахисти со најмногу настапи на ЕП
ВМ Трајко Недев 5
ВМ Звонко Станојоски 4
ВМ Александар Чоловиќ 3
ФМ Роберт Велески 3
ВМ Владимир Георгиев 2
ВМ Влатко Богдановски 2
ИМ Ванчо Стаменков 2
ИМ Филип Панчевски 2