Неделава Етиопија започна со втората фаза на полнење на браната, но соседите што се наоѓаат низводно – Египет и Судан – остро протестираат против продолжувањето на изградбата и полнењето на ГЕРД

ЕТИОПИЈА ЗАПОЧНА СО ПОЛНЕЊЕ НА ГОЛЕМАТА БРАНА НА НИЛ

Најважен економски план на Етиопија и на нејзината влада е завршувањето на проектот за огромна брана на реката Нил. Оваа брана, чија изградба започна пред 10 години, го доби името ГЕРД – Голема етиопска ренесансна брана и треба да биде најмоќната африканска хидроцентрала, јавуваат медиумите.
Етиопија започна со втората фаза на полнење на браната, но соседите што се наоѓаат низводно – Египет и Судан – остро протестираат против продолжувањето на изградбата и полнењето на ГЕРД. Тие тврдат дека Адис Абеба ниту ги информирала, ниту пак ги прашала за согласност пред да започне со планирањето и изградбата. Реката Нил е симбол на Египет, но и извор на 97 отсто од водата за пиење, наводнување, земјоделство и за поење добиток. Сите инволвирани страни веќе ја спомнаа можноста за оружен судир, во случај да не се најде соодветно решение.
Сепак, Владата во Етиопија и нејзиниот премиер Абиј Ахмед имаат и дополнителна причина за изградба на браната. Имено, на север, во регионот Тиграј состојбата е воена и таму претстои хуманитарна катастрофа. Со завршување на изградбата на ГЕРД, Владата има единствена можност да покаже дека е успешна, па оттука, реализацијата на проектот веќе се издигна на ниво на мисија.

Освен тоа, „надворешните“ непријатели се од голема помош за етиопската влада, зашто го тргаат фокусот од внатрешната поделеност, па затоа и не зачудува силно застапената антиегипетска реторика во настапите на власта.
Сега во кавгата се вклучи и Советот за безбедност со своите 15 земји-членки. Тунис, која е една од десетте „ротирачки“ членки, го претстави пред Советот проблемот околу изградбата на ГЕРД како потенцијална опасност за регионот. Ова беше сторено под влијание на сојузничката држава Египет.
Значи, во овој момент Тунис де факто ги застапува интересите на Египет пред Советот за безбедност, испраќајќи дури и нацрт-предлог за стопирање на натамошното полнење на браната и почеток на преговори со посредство на Советот.
Сепак, францускиот претставник во ова тело изјави дека Советот на може да стори многу по ова прашање, освен да ги собере конфронтираните страни и да ги поддржи обидите за преговори, пренесува агенцијата „Франс прес“.
Етиопската страна не е особено подготвена за компромиси околу продолжувањето на изградбата на ГЕРД.