„Mоја скопска приказна“ е отворен конкурс на фотографии инспирирани од фасади на објекти што го дефинираат вистинскиот идентитет на старо Скопје. Идејата на натпреварот е преку фотографирање автентична зграда или куќа да се доловат суштината и оригиналноста на архитектурата и да се претстави единствената приказна за нејзиното постоење. Најдобрите фотографии ќе бидат претставени на изложба во Музејот на современата уметност, на 8 мај 2018 година, а следува парична награда за прво, второ и трето место.
На отворениот конкурс ќе се наградува најдобрaтa композиција од пет фотографии по учесник на тема „Стари автентични скопски фасади“. За учество е потребно да се испратат фотографии од пет различни фасади, кои ќе ги прикажат архитектурата, дизајнот, автентичноста и нивната единственост. Се бараат креативна композиција и јасност во фотографиите. Едни од критериумите за оценување се квалитетот и оригиналноста на фотографијата. Фотографиите не треба да бидат помали од 1 мегабајт и да не бидат поголеми од 5 мегабајти. Тие мора да бидат подготвени за печатење. Сите учесници е потребно да бидат во можност да обезбедат фотографија со висока резолуција погодна за печатење за изложба доколку фотографијата е потребна.
Рокот за конкурсот е продолжен до 18.4.2018 година. Фотографи од сите возрасти и нивоа на искуство се поканети да испратат фотографии од автентични скопски фасади, со што ќе добијат можност да освојат парична награда. Фотографиите треба да се испратат преку линк на: [email protected]. Проектот е во организација на „Стримон филм Скопје“, а со финансиска поддршка на Делегацијата на Европската Унија, во рамките на програмата за одбележување на Европската година на културното наследство 2018. Организаторката на проектот Ивана Шекуткоска вели дека идејата за проектот е произлезена од повикот на Делегацијата на Европската Унија за одбележување на Европската година на културното наследство 2018. Таа вели дека проектот се води по слоганот „Каде што минатото се среќава со иднината“ – европското културно наследство ни дозволува да го разбереме минатото и да погледнеме во иднината.
– Сметајќи дека развојот на традиционалното културно наследство е од исклучително значење на еден град, во комбинација со урбаната култура и современото творештво, овој настан има за главна цел издигнување на јавната свест за важноста на националното и културното наследство и иницирање ангажман на граѓаните на главниот град – додава Шекуткоска.